СТАНДАРД life
КРИПТОВАЛУТИ

Норвешка централна банка: Биткоинот нема да ги замени парите

Норвешка неодамна се појави како земја со најголемо учество на безготовински плаќања во светот, но гувернерот на централната банка вели дека луѓето не треба да почнат да се свртуваат кон биткоинот како алтернатива.

Ојстон Олсен, гувернер на норвешката централна банка, вели дека е незамисливо за биткоинот – најпопуларната криптовалута – да ги замени парите што во моментов се контролираат централните банки, пренесува Блумберг.

„Биткоинот е премногу ресурсно интензивен, прескап, и што е најважно, не е стабилен“, рече Олсен во телефонското интервју. „Сакам да кажам дека главната одлика и задача на централната банка и валутата на централната банка е да се обезбеди стабилност во вредноста на парите и во системот, а тоа не го прави биткоинот“, додаде тој.

Коментарите на Олсен за биткоинот беа дадени откако еден од најистакнатите норвешки бизнисмени Шел Инге Раке изјави дека на крајот криптовалутата ќе биде на вистинската страна од монетарната историја. Тој дури сугерираше дека биткоинот може еден ден да „чини милиони долари“.

Во понеделникот, биткоин се разменуваше за околу 57.000 долари, што е скоро 900% повеќе од неговата вредност пред околу една година. Фанови на криптовалутата се Елон Маск и Кети Вуд од „Ark Investment Management“. Мет МекДермот, раководител на дигитални средства во Goldman Sachs, неодамна изјави дека сега постои „огромна“ институционална и приватна побарувачка за биткоин.

Во меѓувреме, централните банки се натпреваруваат да одговорат на широко распространетите безготовински плаќања со развивање на сопствени дигитални валути пред криптовалутите да го преземат водството. Заменик гувернерот на норвешката централна банка, Ида Валден Баш, во ноември минатата година изјави дека Норвешка станала најголемата безготовинска земја во светот, со само 4% од сите плаќања извршени во банкноти и монети. Ова отвора прашања за тоа како треба да се вршат плаќањата во иднина.

Но, Норвешка не е меѓу водечките земји кога станува збор за развој на дигитални валути на централна банка (CBDC). Шведска и Кина се светски лидери меѓу најголемите економии, бидејќи политичарите се здружуваат со експерти за технологија за да откријат како најдобро да се дизајнира нешто што централните банки можат да го контролираат.

Во април, Норвешката централна банка треба да објави извештај за својот CBDC проект. Валден Баш на почетокот на овој месец рече дека целта е потрошувачите „да можат да плаќаат ефикасно и безбедно во норвешки круни“. Според неа, норвешката CBDC „нема да го промени кредитното посредување на приватниот сектор“.

Што се однесува до биткоинот, кој некои централни банкари го споредуваат со балонот со лалиња од 17 век, Олсен рече: „Не мислам дека тоа ќе биде закана за централните банки на крајот на денот. Иако некои луѓе зборуваат за тоа“.

Поврзани вести

Иновативен DeFi проект нуди нов начин за трговија на крипто-пазарот

Влатко Зорба

Blockstream купи Bitcoin „копачи“ за 25 милиони долари

Влатко Зорба

Падот на Биткоин избриша повеќе од 100 милијарди долари од целиот крипто-пазар

Влатко Зорба