Мајкл Новограц, основач на „Галакси Дигитал“, смета дека биткоинот ќе се зголеми за повеќе од 50% до 100 илјади долари до крајот на годината, бидејќи се повеќе компании им дозволуваат на своите клиенти да користат токени, за да можат да купуваат, пишува Блумберг.
Цената на биткоинот се искачи на нешто повеќе од 46.456 долари на берзата CoinDesk во понеделникот откако Тесла соопшти дека купил токени за 1,5 милијарди долари. Компанијата на американскиот претприемач Елон Маск, исто така, додаде дека ќе им овозможи на своите потрошувачи да купуваат електрични автомобили со криптовалутата.
„Ќе гледаме како секоја компанија во Америка го прави истото“, изјави Новограц за „Блумберг“.
Долгогодишните поддржувачи на криптовалути и инвеститори, исто така, шпекулираат дека другите компании ќе се префрлат на биткоин резерви како потенцијална алатка за заштита од инфлација, па дури и од амортизација на доларот.
Според Новограц, извршниот директор на Тесла, Елон Маск е „генијален“ во својата одлука „да ги слуша луѓето“ и да ги мери интересите на генерацијата што расте.
„Едно нешто што ги поврзува биткоинот, Тесла, соларните акции и ЕСГ инвестициите (environmental, social and governance) се милениумците и генерацијата З – млади луѓе кои ќе купуваат во иднина, кои гледаат на криптовалутите – биткоин и други, како на свои валути“, рече инвеститорот.
Според поранешниот трејдер на Голдман Сакс, фактот дека „еден од најголемите, најбогатите луѓе во светот“ стои зад биткоинот, ќе ги натера другите директори на компании и финансиски директори да го следат неговиот пример.
„Галакси дигитал холдингс“ на Новограц, пак, ги користи придобивките. Акциите на компанијата пораснаа во понеделникот за 12% на рекордни нивоа, што и даде проценка од 3,8 милијарди долари. Ова ја зголеми нето-вредноста на Новограц на околу 3 милијарди долари, според Bloomberg Billionaires индексот.