Турската централна банка одлучи да забрани употреба на криптовалути и дигитални-средства за купување стоки и услуги, наведувајќи потенцијално „непоправлива штета и значителни ризици од ваквите трансакции“, а мерката ја намали цената на биткоинот на глобалните пазари.
Во декрет објавен денес во Службениот весник на Турција, централната банка наведува дека криптовалутите и другите дигитални средства не можат да се користат директно или индиректно како инструмент за плаќање.
Одлуката стапува на сила на 30 април.
Растечкиот крипто-пазар во Турција доби интензитет во последните неколку месеци, бидејќи домашните инвеститори се приклучија на глобалната биткоин заедница во обид да се заштитат од амортизацијата на лирата и инфлацијата, кои минатиот месец достигнаа 16 проценти, според британската агенција.
По објавувањето на оваа одлука, биткоинот ослабе за скоро 3,0 проценти на 61.490 долари, на тргувањето во 7:54 часот по средноевропско време.
Во соопштението на централната банка се посочува дека безбедносните ризици, меѓу другото, се однесуваат на „отсуството на какви било регулаторни и контролни механизми, како и на централното регулаторно тело“.
„Давателите на услуги за платен промет нема да можат да развиваат деловни модели на начин што крипто-средствата се користат директно или индиректно за вршење плаќања и да издаваат електронски пари“, се вели во одлуката.
Обемот на крипто-трговијата во Турција достигна 218 милијарди лири (27 милијарди долари) во периодот од почетокот на февруари до 24 март годинава, во споредба со нешто повеќе од седум милијарди лири во истиот период претходната година, според американското истражување агенција „Чеинаналисис“.