СТАНДАРД life
МК Сцена

Интервју со Муса: Не поддржувам диети и немам пријатно искуство со нив, гладна не сум никогаш

Диета немам држено од 2017 година кога се натпреварував во бодибилдинг. Немам пријатно искуство од целиот тој процес затоа и лично не ги поддржувам било каквите диети, посебно не оние строги рестрикции на храна кои придонесуваат за големо намалување на килограмите за краток временски период, вели во интервју за „Стандард лајф“ кошаркарката Едина Муса, со која поразговаравме за нејзините животни навики кои придонесуваат да изгледа одлично.

-Јас сум поминала низ сето тоа и никогаш повеќе не би се ставила во таква ситуација. Се тоа сто го правам во последните неколку години е здрава избалансирана исхрана, што повеќе сирова храна и од течности само вода и чај. Понекогаш знам да изедам и некое парче пица или топка сладолед, но сето тоа е во умерени количини и несекојдневно. Гладна не сум никогаш, но и не дозволувам да се прејадам, истакна кошаркарката.

Во однос на тоа каков совет би им дала на девојките за да бидат во топ-форма, Едина порача „паметно избираат што внесуваат во себе, да не ја гледаат храната како задоволство туку како гориво за телото“.

– Што повеќе сирова храна, како и готвење на поздрав начин (варено, печено немасно пржено), да пијат многу течности (вода, чај), да ги исклучат сите тие газирани сокови и преработени пијалаци, алкохолот да се сведе на минимум, да не пушат цигари, да си најдат физичка активност во која уживаат и истата да ја практикуваат затоа што само така може да се задржат активни на подолг период, истакна Муса во интервјто.

Колку време се занимаваш со кошарка?

-Со кошарка се занимавам од своја 6 годишна возраст. Најпрвин како играч/натпреварувач во сите млади категории како и натпреварувања во сениорки лиги. Почнувајќи тука во Македонија, па се до најдобрата колеџ лига во Америка, НЦАА.

Кои се твоите ритуали за разубавување?

-Што посирова храна и спорт, и сто помалку стрес на секојдневно ниво. Други ритуали немам. Од шминки и разни третмани немам многу искуство.

Како изгледа еден твој ден?

-Секогаш различно, но во глобала од сабајле имам персонални тренинзи со моите клиенти, по завршувањето со работа, обавезно наоѓам време да го изработам и својот тренинг. Потоа имам ручек и пауза, па во попладневните часови сум во сала со дечињата кои се дел од мојот кошаркарски клуб. Има и денови кога сум послободна, тогаш имам повеќе време за останатите работи сто ме исполнуваат, како возење велосипед, читање на книга, сликање на платно и поминување време со мојата внука.

Колку и како ти се смени животот откако спортуваш?

Искрено не би можела да го одговорам ова прашање со оглед на тоа што спортувам буквално откако знам за себе.

Како го поминуваш секојдневието кога не си на тренинг?

-Зависи за што точно сум расположена во тој момент. Секогаш се слушам себеси и можеби затоа ретко ми е досадно. Понекогаш сакам да искочам со пријателите, често знам да зготвам некои интересни рецепти на кои често налетувам на Инстаграм. Знам да отидам и ван Скопје во природа, каде што ќе наполнам батерии и ќе си ја исполнам душата. Како поминуваат годините така повеќе слободното време го трошам на работи кои ми носат мир и кои ме исполнуваат.

Дали некогаш држиш диета и дали целта на диетата е да намалиш телесна тежина или да ја зголемиш мускулната маса?

-Диета немам држено од 2017 година кога се натпреварував во бодибилдинг. Немам пријатно искуство од целиот тој процес затоа и лично не ги поддржувам било каквите диети, посебно не оние строги рестрикции на храна кои придонесуваат за големо намалување на килограмите за краток временски период. Сето тоа е неодржливо на подолг период и можеби физички ќе достигнеш намалување на килограмите (кои често се враќаат, дури и дупло, откако ќе се прекине со диетата), многу повеќе ќе наштети на психолошката состојба кај истата личност.

Јас сум поминала низ сето тоа и никогаш повеќе не би се ставила во таква ситуација. Се тоа сто го правам во последните неколку години е здрава избалансирана исхрана, што повеќе сирова храна и од течности само вода и чај. Понекогаш знам да изедам и некое парче пица или топка сладолед, но сето тоа е во умерени количини и несекојдневно. Гладна не сум никогаш, но и не дозволувам да се прејадам. Месо не јадам скоро воопшто, бидејќи ми претставува голем проблем со дигестивниот процес.

Најчесто спортистките се во патики, дали ти носиш високи потпетици?

-Да точно е дека 90% од времето го поминувам во патики, но обожавам високи потпетици и ја користам секоја можна прилика каде што ќе можам да се средам и да облечам штикли.

Каков совет би им дала на девојките за топ-форма?

-Пред сè би ги посоветувала да паметно избираат што внесуваат во себе, да не ја гледаат храната како задоволство туку како гориво за телото. Што повеќе сирова храна, како и готвење на поздрав начин (варено, печено немасно пржено), да пијат многу течности (вода, чај), да ги исклучат сите тие газирани сокови и преработени пијалаци, алкохолот да се сведе на минимум, да не пушат цигари, да си најдат физичка активност во која уживаат и истата да ја практикуваат затоа што само така може да се задржат активни на подолг период.

Доколку сакаат да вежбаат а немаат никаква дисциплина или мотивација, обавезно да си земат личен тренер, затоа што вежбањето со тренер е многу поефикасно и е полесно да се остане константен во процесот. Сонот и одморот се многу важни сегменти за достигнување на топ форма, затоа што ги регулира хормоните и задршката на вода во телото. Колку што е важно физичкото здравје, така е важно и психичкото. Доколку се претрпува преголем стрес, телото може и да не ја достигне посакуваната форма. Нека работат на себе, и себе си да си посветат и време и внимание, затоа што само така можеме да бидеме среќни, а кога сме среќни се е многу лесно.

Р.Т.

Поврзани вести

ЗДРАВО МЛАДИ по 14 пат во МКЦ

Urednik

„Дивље Јагоде“ доаѓаат во Скопје

Urednik

„Џезтет“ – концерт на Георги Шаревски во Јавна соба

Urednik