СТАНДАРД life
МК Сцена

„Кајмак“ на Манчевски освои награда и во Тирана

Уште едно признание за „Кајмак“ на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски – ја освои Наградата на публиката на Филмскиот фестивал во Тирана, кој заврши синоќа. Најновиот филм на Манчевски минатата недела го отвори Тиранскиот фестивал, а режисерот беше пречекан со огромни почести од културната и политичка јавност на Албанија. Манчевски одржа и мастерклас на Фестивалот.

Ова е четврта награда за „Кајмак“ за еден месец, откако претходно освои Награда за најдобар филм на фестивалот Синеквест во Калифорнија, како и Специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот) во Херцег Нови, а Манчевски доби Специјална награда на i-fest во Калабрија, Италија.

Во Тирана, албанската државна новинска агенција, АТА, го наслови интервјуто со Манчевски „Уметник кој му објави војна на компромисот“ и го нарече „уметник со кој се гордеат нашите соседи во Македонија“, па продолжи: „Како и секој вистински уметник, тој шокира и го презира конформизмот“.

Во октомври следува премиерата на „Кајмак“ и во Амстердам, а филмот продолжува и со фестивалскиот живот низ светот.

„Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.

„Кајмак“, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија, Црна Гора, САД итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми.

„Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија минатата година.

Награда за филмската критика за „Кајмак“, пофалби во САД

Поврзани вести

Свечено отворање на летната сцена „Славиша Кајевски“ со „Црнила ремикс“

Urednik

Аки Рахимовски почина пред две години – Дали знаете како му беше вистинското име?

Radmila Tasevska

Focus Features и Universal Pictures ќе го дистрибуираат филмот „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски

Urednik