СТАНДАРД life
МК Сцена

Коцевска, Travel инфлуенсер: Сум посетила над 30 земји, но најголем интерес и најмногу споделувања добиваат содржините од Македонија

Најголем интерес и најмногу споделувања секогаш добиваат содржините од Македонија. Всушност и најголемата поддршка од средината сум ја добила за содржини за местата во Македонија, што ме прави и среќна и задоволна, вели во интервју за „Стандард лајф“ Весна Коцевска, туристички водич и травел-блогер од Охрид, Магистер по туризам.

Гледано по број на земји како дестинации, таа посетила над 30, со тоа што некои повеќе пати ги посетила.

-Сакам да посетувам различни места каде што претходно не сум била, но тоа не мора секогаш да биде во различна земја, истакнува таа.

На прашањето што точно прави Travel инфлуенсерот, Коцевска е децидна дека при посетата „не е само сликање и снимање“.

-Пред сѐ се ужива во дестинацијата и времето поминато таму се користи максимално да се исполни зацртаната агенда и да се види и научи колку што е можно повеќе. Она што јас практикувам е некогаш е подобро да се види помалку, но да се помине квалитетно време таму каде што сум. Попатно се прават слики и видеа, вели Коцевска.

За тоа што би им препорачала на оние кои сакаат да тргнат по нејзиниот пат, туристичкиот водич посочува дека, пред сѐ, треба да го работаат тоа со љубов.

– Доколку сакаат да бидат Travel инфлуенсери не треба да креираат содржина за себе, туку за својата публика, како и за публиката до која сакаат да допрат и да ја испратат својата порака. Корисна содржина со доволно информации и да бидат достапни за сите прашања, изјави таа во интервјуто.

Што значи да се биде Travel инфлуенсер во Македонија?

– „Travel influencer“ е личност која креира квалитетна содржина за своите патувања на поблиски или подалечни дестинации, како и совети и стратегии за патувања, дава идеи и ги инспирира останатите повеќе да патуваат и кои места да ги посетуваат. При тоа гради однос со своите следачи преку пренесување на реалната слика за местата кои ги посетува.

Да се биде Travel инфлуенсер во Македонија значи сето тоа, но и да им се откриваат и не толку познати места во нашата земја, како и нови содржини, активности. Кај мене лично најголем интерес и најмногу споделувања секогаш добиваат содржините од Македонија. Всушност и најголемата поддршка од средината сум ја добила за содржини за местата во Македонија, што ме прави и среќна и задоволна.

Весна Коцевска
Весна Коцевска

Може ли да се заработува од оваа професија?

– Првичната идеја не беше заработувачка, туку споделување корисни информации. Како порив на туристички водич сакам да споделам кои богатства ги имаме, дека е лесно и не е секогаш скапо да се патува. Заработувачката пред сѐ зависи од тоа колку време и труд ќе се посвети. Она што мене ми олеснува е што и двете професии се надополнуваат една со друга. Па имам можност некогаш да креирам содржини за Инстаграм и кога водам групи.

Сепак омилени ми се содржините кои ги креирам додека патуваме со моето семејство, особено спонтаните видеа и слики. А кога можам тоа го вклопувам и во соработките. За разлика од другите видови на инфлуенсери кај нас, Travel инфлуенсерите се малку поограничени во однос на соработките. Секоја соработка треба да биде вклопена во основната тема на профилот, а не да се промовира сѐ и сешто. Соработките се платени, а доколку станува збор за патувања може и компензација.

Можеш ли да ни објасниш што точно прави Travel инфлуенсерот?

– Travel инфлуенсерот треба да креира содржини со патувања, дестинации, атрактивности, природни убавини, интересни факти или приказни итн. Без разлика дали е веќе добро позната дестинација или неоткриено место, дали е далечна дестинација или нешто од нашето соседство, она што е важно е да се пренесе сопственото искуство, корисни информации и совети, колку што може повеќе реалноста.

Самиот процес на тоа што прави инфлуенсерот тргнува од идејата за креирање содржина. При тоа треба да се земе во предвид што е она што би ги интересирало неговите следачи и каква вредност таа содржина може да им даде.

Пред посетата на конкретната дестинација врши истражување и спрема план што да се посети и за што да се креира содржина. Често може и нешто непланирано да излезе, спонтаноста е одлична, но не можеме секогаш да се потпреме на неа.

При посетата не е само сликање и снимање. Пред сѐ се ужива во дестинацијата и времето поминато таму се користи максимално да се исполни зацртаната агенда и да се види и научи колку што е можно повеќе. Она што јас практикувам е некогаш е подобро да се види помалку, но да се помине квалитетно време таму каде што сум. Попатно се прават слики и видеа.

После самото патување се средуваат сите материјали, се врши селекција и се прави план и стратегија што да се објавува. Потоа се едитираат сликите и видеата. Пожелно е на Инстаграм да се направат и „highlights“, па сите информации да бидат лесно пристапни во секое време.

Една од најважните работи е интеракцијата со следачите, било да е тоа преку коментари или пораки. Некогаш на тој начин и ние добиваме некоја интересна информација, а најчесто им помагаме на тие што имаат повеќе прашања или ги интересира нешто поконкретно.

Колку дестинации имаш посетено?

– Ќе ми треба многу време да ги избројам сите дестинации. Но гледано по број на земји како дестинација се движи преку 30. Со тоа што некои ми се повеќе пати посетени. Сакам да посетувам различни места каде што претходно не сум била, но тоа не мора секогаш да биде во различна земја.

Која дестинација ти оставила посебен впечаток? Каде најмногу сакаш да патуваш?

– Немам конкретно омилена дестинација, но се навраќам на Италија, Турција и Грција. Интересно е што големите модерни градови не ми биле приоритетни за посета, но го променив мислењето после посетата на Чикаго. Треба да се посетуваат местата без предрасуди и со отворен ум, па често може да бидеме позитивно изненадени. Во иднина би се насочила повеќе на поразлични дестинации, нови за мене.

Весна Коцевска
Весна Коцевска

Доколку некоја дестинација не ти се допадне или си доживеала лошо искуство, дали тоа би го споделила со твоите следачи? Дали имало слично искуство досега?

– Сѐ споделувам така како што сум го доживеала. Реално не сум имала некое значително лошо искуство. Каде и да одам се трудам да ги спуштам очекувањата, најчесто ми биле надминати. Секоја дестинација има и позитивни и негативни страни, никаде не е совршено. Само зависи со какви очи гледате. Јас се трудам да го пренесам она што ми се допаднало, но секогаш имам начин како да го пренесам и она што не ми се допаѓа.

Конкретно на нашето последно патување во Санторини, мене лично не ми се допадна што дното на плажата е лизгава карпа. Но тоа не им пречеше на сопругот и децата, па ги пренесов двете страни. Исто така напоменувам кој период треба да се избегнува, бидејќи често посетителите знаат да имаат лошо искуство поради големите гужви.

Што би им препорачала на оние кои сакаат да тргнат по твојот пат?

– Да го работаат тоа со љубов пред сѐ. Доколку сакаат да бидат Travel инфлуенсери не треба да креираат содржина за себе, туку за својата публика, како и за публиката до која сакаат да допрат и да ја испратат својата порака. Корисна содржина со доволно информации и да бидат достапни за сите прашања.

Исто така еден од најдобрите совети кои би сакала мене некој да ми го дадеше кога почнував е да се определат за што поконкретна тема за својот профил. По можност тема за која можат да кажат дека се експерти. Ова е совет за сите кои сакаат да градат профил на Инстаграм, без разлика за која категорија би се определиле.

Р.Т.

Поврзани вести

Влатко Стефановски и неговото трио одржаа спектакуларен концерт во Белград

Radmila Tasevska

„Џезтет“ – концерт на Георги Шаревски во Јавна соба

Urednik

Тамара Котевска со награда за оставање на трајни вредности доделена од TRT International Documentaries Awards

Urednik