СТАНДАРД life
МК Сцена

Oсма меѓународна награда за „Кајмак“ на Манчевски

Две години по светската премиера, филмот „Кајмак” на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски и натаму освојува награди. Сега е прогласен за Најдобар филм на Меѓународниот филмски фестивал Фортеца во Црна Гора, кој заврши на 30 јули.

Овој мал, но реномиран фестивал кој се одржува во живописниот историски град Пераст, е содружник со познатиот БаНеФФ од Стокхолм, Шведска. За „Кајмак” оваа меѓународна награда е осма по ред досега.

„Баш ми мило за ‘Кајмак’, си гази без гајле – локалната филмска мафија се утепа незаконски да нѐ блокира, а ние си редиме меѓународни награди, кај што они не ни припариле”, изјави Манчевски.

„Кајмак” е еден од најуспешните македонски филмови и со најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, како и во Австралија и Карибите – од неодамна во Шпанија, Португалија, а претходно и во Мексико, Аргентина, Бразил и Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска, Хрватска… Процесот на пласман продолжува и натаму.

„Кајмак”, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија) во ноември 2022 година, потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, САД, Холандија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Албанија, итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми.

„Кајмак” беше најгледан филм во Македонија во 2022 година.

Поврзани вести

„Домаќинство за почетници“ македонски кандидат за Оскар за долгометражен интернационален филм

Urednik

Дина Јашари со настапи на четири фестивали во Хрватска

Urednik

Хрватска премиера на македонскиот филм „М“ на Пулскиот филмски фестивал

Urednik