Бугарската претставничка Дара, чие вистинско име е Дарина Јотова, преку ноќ стана едно од најбараните имиња на европската музичка сцена по победата на Евровизија 2026. Заразната песна „Бангаранга“, впечатливата кореографија и енергичниот настап ѝ ја донесоа на Бугарија првата победа во историјата на натпреварувањето на Евровизија. Иако со години е голема ѕвезда во родната Бугарија, Евровизија ја лансираше пред милионска публика низ цела Европа. За време на евровизиската недела, таа особено се истакна со настапот што комбинираше современи поп и фолклорни мотиви, и токму оваа комбинација ги освои и публиката и жирито.
Дара настапи со песната „Бангаранга“ и победи со гласовите од жирито и гласовите од публиката, а второ и трето место освоија претставниците на Израел и на Австрија.
На второто место заврши Израел со 343 поени, а трета беше Романија со 296.
View this post on Instagram
Бугарија, која се врати по три години пауза, беше далеку од фаворит пред почетокот на европското музичко натпреварување, но сложената кореографија и заразниот рефрен на „Бангаранга“ ѝ ја донесоа првата победа на крајот. Најдобриот резултат на Бугарија досега беше второто место во 2017.
View this post on Instagram
Дара е родена во Варна, третиот по големина бугарски град на брегот на Црното Море, каде што дипломирала на Националното училиште за уметност. Почнала да пее уште како девојче, прво изведувајќи традиционална бугарска народна музика, а подоцна се свртела кон модерната поп музика.
Пошироката јавност ја запознала во 2015 година во бугарската верзија на шоуто „Икс фактор“, по што нејзината кариера тргнала по нагорна линија. Дебитанскиот сингл „K’vo ne chu“ многу брзо завршил на врвот на музичките скали, а го следеле хитовите како „Thunder“, „Call Me“ и „Mr Rover“.
Во текот на годините, таа освоила бројни музички награди, распродала концерти и собрала милиони прегледи на социјалните мрежи. Таа била и најмладиот ментор во шоуто „Гласот на Бугарија“, а минатата година настапила како предизведувачка на Роби Вилијамс на концертот во Софија.
