На почетокот на јули беше откриено дека речиси дваесет години по првиот филм „Ѓаволот носи Прада“ (The Devil Wears Prada), започна снимањето на долгоочекуваното продолжение на приказната. Дел од оригиналната екипа се враќа во филмот, вклучувајќи ги Мерил Стрип, Ен Хатавеј, Емили Блант и Стенли Тучи, а странските медиуми ги објавуваат и првите имиња на новите актери што публиката ќе може да ги види во продолжението.
Новата екипа ја предводат Луси Лиу (Charlie’s Angels, Kill Bill Vol. 1), Џастин Теру (Running Point, Beetlejuice Beetlejuice, The Girl on the Train), Б.Џ. Новак (The Office, Inglourious Bastards), Полин Шаламет (The Sex Lives of College Girls, Split) и Симон Ешли (Bridgerton), објавува Variety.
Ликовите што ќе ги играат во филмот сè уште не се познати, но „Варајети“ додава дека знаењето за модата на новите актери ќе биде ставено на тест во редакцијата на „Ранвеј“, каде што ќе се сретнат со легендарни ликови од првиот филм.
Покрај гореспоменатите ѕвезди, во филмот ќе се појават и бродвејските ѕвезди Хелен Џ. Шен и Конрад Рикамора, како и комичарот Кејлеб Хирон. Меѓу членовите на екипата што се враќаат се Трејси Томс, која ја играше Лили, најдобрата пријателка на ликот на Ен Хатавеј, и Тибор Фелдман, претседател на издавачката куќа „Елијас-Кларк“, која е сопственик на „Ранвеј“.
Според претходните информации, филмот ќе ја следи Миранда Пристли (Мерил Стрип) во време кога традиционалното печатено новинарство е во сериозен пад. Миранда ќе се најде во професионален конфликт со Емили Чарлтон (Емили Блант), нејзината поранешна асистентка, која сега е моќен извршен директор на луксузна група чии буџети за рекламирање очајно ѝ се потребни на Пристли.
Филмот повторно е во режија на Дејвид Франкел, а сценариото го напиша Алин Брош Мекена, која го напиша и првиот филм. Продуцентката Карен Розенфелт, исто така, се враќа да работи на вториот филм. Продолжението повторно црпи инспирација од романот на Лорен Вајсбергер, кој делумно е базиран на нејзините искуства работејќи за Ана Винтур во „Вог“.
Првиот филм беше голем хит со повеќе од 326 милиони долари заработка во светските кина и номинација за Оскар за Мерил Стрип.
Филмот е продуциран од „20th Century Studios“ на „Disney“, а премиерата е закажана за 1 мај 2026 година.