Холивудскиот актер Шаја Лабаф е ослободен со обврска да влезе во програма за лекување од зависности, да се подложи на тестирање за дрога и да плати кауција од 100.000 долари по апсењето во Њу Орлеанс.
Шаја Лабаф (39) беше приведен на 17 февруари по две обвиненија за прекршок за напад по наводна расправија во барот „Ројал стрит ин енд р“ во Францускиот кварт.
Неколку часа подоцна, тој беше пуштен да се брани од слобода без плаќање кауција. Меѓутоа, на рочиштето во четвртокот, судијката Симон Левин рече дека наводите дека актерот изговорал хомофобични навреди во моментот на неговото ослободување сè уште не биле внесени во официјалната судска евиденција, пренесе „Гардијан“.
Судијката на Кривичниот суд, Симон Левин, му нареди на 39-годишниот Лабаф да се подложува на неделни тестови за дрога, вклучително и тест за трезвеност на терен во судницата. Лабаф се согласи, а неговиот адвокат рече дека тестот не покажал никакви нелегални супстанции во неговиот систем.
Левин го опиша инцидентот претходно овој месец како загрижувачки за „безбедноста на пошироката заедница, особено во маргинализирана заедница која поминала низ толку многу терор“, осврнувајќи се на ЛГБТК+ заедницата.
„Овој обвинет не ја сфаќа сериозно својата зависност од алкохол. Овој суд не верува дека го разбира нивото на сериозност на овие обвиненија“, рекла таа.
Лабаф плати кауција и одби да коментира за новинарите. Тој сè уште не се изјаснил формално за обвиненијата.
„Не, не кажувам ни збор. Бог да ве благослови, оставете ме на мира“, рекол тој во ходникот на судницата, враќајќи се од тестот за дрога и алкохол пред пресудата.
Локалниот забавувач Џефри Дамнит, кој беше идентификуван во полицискиот извештај како Џефри Клајн, претходно изјави за „Асошиејтед прес“ дека Лабаф постојано го удирал и користел хомофобични навреди, заканувајќи се дека ќе го убие. Дамнит рече дека верува оти Лабаф го нападнал затоа што носел шминка.
Судијката му нареди на Лабаф да се држи подалеку од жртвите и барот каде што се случил инцидентот. Таа го одби барањето на Лабуф да патува во Рим во март за верска служба.
