Замислете дека сте на купување и одите на каса за да платите но вашата картичка не работи. Причинита за тоа е падот на компјутерскиот систем во вашата банка и ниеден клиент на банката, вклучително и вие, не можете ништо да платите.
Но, што ако касата има пристап до евиденцијата, или главната книга на финансии, во која е наведена состојбата на вашата кредитна или дебитна картичка, и се ажурира секој пат кога ќе купите нешто?
Дури и ако банкарскиот систем е паднат, вашата картичка и понатаму ќе функционира во супермаркетот, бидејќи самата каса ќе ја знае состојбата на вашата сметка, пишува Би-би-си.
Тоа е само една придобивка од дистрибуираната главна книга за евиденција, која е позната и под името Блокчејн . Оваа технологија постои повеќе од една деценија.
Звучи прилично корисно, зар не?
Но во практиката истата многу ретко се користи.
Па, што се случило?
Блокчејн имаше проблем со наоѓање на употребна вредност, и покрај поддршката за криптовалутите како што е Биткоин.
Во тоа сценарио, Блокчејн делува како универзална евиденција за секоја трансакција на Биткоини. Блокчејн е книга за финансии или дневник на тие трансакции.
Но основната идеја на книга со информации дистрибуирана меѓу многу различни корисници наместо да се чува на едно централно место, предизвика голем интерес кај луѓето.
Застапниците на овој систем долго време тврдат дека системот може да биде подобра алтернатива за традиционалните бази на податоци.
Но колку навистина би биле корисни алтернативите во форма на Блокчејн?
Примерот со касата во продавницата го наведе Дејв Бирч, автор и консултант за дигитални финансиски услуги.
Но, постојат и други идеи. Професорот Гилберт Фридген, експерт за финансиски услуги од Универзитетот во Луксембург, предлага дистрибуиран систем на книги за водење евиденција на сертификати и дипломи издадени од универзитетите.
Друг интересен проект е системот за недвижнини што моментално го испробува шведскиот катастар Лантматериет.
Во овој случај, Блокчејн е дизајниран да ги следи документите во текот на продажба на одредено земјиште. Купувачот и продавачот, агентите и банките кои учествуваат во процесот можат да се вклучат и да ја следат продажбата по дигитален пат.
Иако пробниот период покажа дека таквата шема е можна, неопходна е промена во законодавството пред системот да може да се спроведе во иднина, објаснува Матс Снал, шеф за иновации во шведскиот катастар.
Досега, Блокчејн можеби не го промени светот, но затоа наведе многу луѓе на размислување.