Американскиот гигант на Интернет – Google, во четвртокот објави дека е подготвен да склучува договори со медиумски куќи, со што би се обврзал за прв пат да им плати такса за објавување информативни содржини. Сепак, тие не објаснија како содржината ќе им се претстави на корисниците, ниту колку приход очекуваат од Google.
ИТ гигантот со години се обидува да се одбрани од барањата на медиумските компании ширум светот, финансиски да им надомести за употреба на содржина. Европските медиуми беа особено гласни во својата критика, пренесува „Ројтерс“.
Американскиот гигант конечно попушти во четвртокот и рече дека е подготвен да „го одврзе ќесето“.
„Денеска објавуваме програма за набавка на лиценца, врз основа на која ќе плаќаме на издавачи за квалитетна содржина за потребите на новото „информативно искуство“, планирано за втората половина од годината“, објави потпретседателот на Google за вести, Бред Бендер.
„Информативно искуство“ е нов производ на Google кој ќе биде лансиран на „Google News и Google Discovery“.
Во првата фаза, Google ќе потпише договори со германските „Der Spiegel“, „Die Zeit“, „Frankfurter Allgemeine Zeitung“ и „Rheinische Post“, австралискиот „Schwartz Media“, „The Conversation“ и „Solstice Media“ и бразилскиот „Diários Associados“. Во следната фаза, ќе бидат потпишани договори со медиумите на другите земји.
Во огласот, Бендер не објаснува како содржината ќе им биде претставена на корисниците, ниту колку приход очекуваат во Google.
„Енергијата на новинската индустрија е важна, можеби поважна од кога било, затоа што луѓето бараат доверливи информации за време на пандемија и растечката загриженост за расната неправда ширум светот“, заклучи шефот во Google.