Најпопуларниот рок состав во Босна, Дубиоза Колектив, има нов член, првиот робот музичар и пејач во светот, кој го крева својот глас и свири на различни музички инструменти, објави Ројтерс.
Хуманоидот се вика Роби Мегабајт и е изграден од студенти од Електротехничкото училиште на Универзитетот во Сараево. Бендот сакаше да дизајнира робот за да одговара на концептот на нивниот албум #fakenews, објавен минатата година.
„Нашиот робот обожава да јаде, пие, вреска. Тој сака музика“, рече членот на групата Ведран Мујагиќ, кој беше најмногу вклучен во развивањето на концептот за Роби.
Во видео записот за една од песните на албумот #fakenews, еден од членовите на бендот рекол дека би било забавно за робот да ја заврши неговата работа додека тој се релаксира и се забавува.
Постепено, целата група се заменува со роботи на видеото, што им овозможува на мажите да одат на забави. Но, тогаш роботите се заклучуваат во своето студио и ги покануваат младите жени да танцуваат и да пијат со нив додека мажите гледаат надвор.
„И најмалата работа е под контрола на машините“, пее Роби во песната наречена „Земи ми ја работата“.
„Пораката за злобната вештачка интелигенција што ја зема работата на добрите луѓе е наменета да биде иронична“, рече Мујагиќ.
Еден од студентите кои помогнаа во развојот на роботот што се користи во албумот, Алмир Бесиќ, рече дека проектот е предизвик затоа што тие првично не знаеле ништо за 3Д печатењето потребно за изградба на робот и немаат потребна опрема. Тие користеле рециклирани материјали, вклучувајќи делови од Голф 2 и тркала за колички, за да ја направат платформата на која се движи Роби. Потребни им биле околу две години да го завршат проектот.
„Кога Роби конечно заживеа, тоа беше толку еуфоричен момент, по толку многу напор, толку многу часови поминати на училиште за да работиме“, рече Бесиќ.
Дубиоза Колектив се познати по својот еклектичен музички стил и социјално ангажираните политички текстови. Роби учествува на неделните онлајн концерти на групата наречени „Карантин Шоу“. Бендот започна да настапува за време на заклучувањето воведено минатата година.