Во светот кардиоваскуларните заболувања се една од водечките причини за смрт. Ова се бројни состојби кои влијаат на срцето и циркулаторниот систем, од мозочен удар до коронарна срцева болест.
Постојат голем број на фактори кои можат да го зголемат ризикот од кардиоваскуларни болести. Некои се надвор од нашата контрола, како што се генетиката и возраста. Сепак, можеме да влијаеме на другите, како што се исхраната, вежбањето и пушењето.
Една нова студија покажа дека гихт, еден вид артритис, е поврзан со 58 отсто поголем ризик од кардиоваскуларни болести. Ризикот е уште поголем за жените и оние помлади од 45 години кои ја имаат оваа состојба, според истражувачите во списанието The Lancet Rheumatology, каде што беа објавени резултатите од истражувањето.
Студијата опфатила повеќе од 152.000 луѓе со гихт. Тоа е исклучително болна состојба која предизвикува оток и црвенило на зглобовите, а е еден од најчестите типови на воспалителен артритис во светот. Почеста е кај мажите и постарите лица, но може да ги зафати и жените и помладите луѓе.
Гихтот е предизвикан од акумулацијата на урична киселина во телото, што доведува до формирање на ситни кристали околу зглобовите. Двата најчести симптоми на гихт се ненадејна, силна болка во зглобовите и топла, отечена, црвена кожа на погодениот зглоб.
Истражувачите од универзитетите во Оксфорд, Глазгов и КУ Левен рекоа дека новите наоди сугерираат дека идентификувањето и спроведувањето стратегии за намалување на кардиоваскуларниот ризик кај луѓето со гихт сега треба да биде приоритет, како за понатамошно истражување, така и за клиничка пракса.
„Оваа работа ја нагласува важноста на скрининг и лекување на низа кардиоваскуларни болести кај луѓето со гихт. Гихтот може да се смета за метаболичка состојба, а третманот треба да вклучува следење на срцето и тежината, а не само симптоми поврзани со зглобовите“, рече д-р Лин Д Фергусон.
Ако почувствувате какви било знаци на гихт, треба да разговарате со вашиот општ лекар.