Две од најголемите пречки за глобалната економија беа – иако делумно, надминати оваа недела.
Задушени во поголемиот дел од 2019 година од трговските тензии и политичкиот ризик, проекциите за глобален раст ќе навлезат во постабилна основа во 2020 година, откако САД и Кина ќе постигнаа делумен трговски договор и иднината на процесот по Brexit се појасни, укажува на „Блумберг“ во свој материјал.
„Кинескиот трговски договор и резултатите од изборите во Велика Британија го елиминираа значителниот ризик врз пазарот и компаниите“, рече Бен Еманс, управен директор на глобални макро стратегии на „Medley Global Advisors“.
„Довербата во бизнисот треба да добие голем поттик, што може да доведе до обновено глобално инвестирање, закрепнување на акциите и заживување на обемот на глобалното тргување“, додаде тој.
Исто како и финансиските пазари, повеќето економисти го сметаа договорот за првата фаза на САД и Кина, во една или друга форма, како фактор при проектирање дека глобалната економија ќе се стабилизира во 2020 година по заканата од рецесија порано во годината.
Договорот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот кинески колега Си Џинпин значи дека некои од најризичните сценарија, очекувани само неколку месеци порано, сега изгледаат помалку веројатни. Економистите од „Блумберг“ очекуваа во јуни дека сметката од трговска војна меѓу САД и Кина може да достигне 1,2 трилион долари до 2021 година, чии последици ќе се рашират во азискиот ланец на снабдување. Овие предвидувања беа засновани на 25 проценти царина за целата трговија од обете страни и пад од 10 проценти на берзите.
Сепак, договорот во првата фаза остава нерешени некои тешки прашања, поставувајќи ги темелите за нови судири следната година кога ќе се одржат следните претседателски избори во САД во ноември. Поплаките на САД за мрежата од кинески субвенции – од ефтина електрична енергија до евтините кредити, на која Пекинг ја изгради својата индустриска моќ – остануваат неодговорени. Според претседателот Трамп, преговорите за втората фаза од трговскиот договор ќе започнат веднаш.
Што се однесува до „Brexit“, категоричната изборна победа на премиерот Борис Џонсон значи дека Велика Британија ќе ја напушти Европската унија на 31 јануари.
Во меѓувреме, Џонсон треба да преговара за нов заеднички договор за трговија со ЕУ до крајот на следната година, што значи дека на хоризонтот е поставена поголема неизвесност.
Настаните во изминатите недели се случија во услови на пошироки индикации, главно според одредниците на индустријата, дека побарувачката во поголемиот дел од светот се стабилизира. Меѓународниот монетарен фонд, исто така, испрати позитивни сигнали, но само доколку се смират трговските тензии.
Директорите на Централната банка упатија пооптимистички тон во текот на неделата.
Гувернерот на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, рече дека економското забавување на еврозоната покажува знаци за достигнување на дното. Во исто време, гувернерот на Федералните резерви Џером Пауел рече дека американските прогнози остануваат поволни. Кинеската влада, исто така, соопшти дека ќе ја подобри ефикасноста на нејзината фискална политика во 2020 година, а во Јапонија се планира нов фискален стимул.
Економистите од Morgan Stanley очекуваат глобалната економија да ја врати малку инерцијата следната година, а растот да достигне 3,4% до крајот на 2020 година од 2,9% во четвртиот квартал од оваа година. Сепак, ова во најголем дел ќе се должи на закрепнувањето во остатокот од светот, не толку во САД.