Имаме желба и не е невозможно да постигнеме економски раст од осум, па и десет отсто. Минатата, 2019 година ќе ја заокружиме со раст од 3,6 отсто и тоа е добро, но не е доволно, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев пред денешната средба со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Земјите од Вишеградката група кога стануваа членки на НАТО и кога ги отвораа поглавјата за членство во ЕУ имаа раст од пет, шест, седум, па и осум отсто, а некои достигнуваа раст и до 10 или 12 процента. Тоа, нагласи, треба да ни биде доволна мотивација да работиме многу за бројките да бидат многу поголеми од сегашните.
Според Заев, една од прините зошто земјата е насочена кон реализирање на евроинтеграциските цели и НАТО, е економскиот стандард, зголемувањето на БДП, отворањето нови работни места и раст на платите.
– Први јуни 2017 година кога станав премиер, имавме негативен раст од -1,8 отсто, а третото тримесечие од 2019 беше заокружено со 3,6 проценти раст што значи и во првото и во второто и во третото имаме просек од 3,6 проценти раст. За четвртото ќе го чекаме податокот во почетокот на март, но генерално, 2019 година ќе биде со 3,6 отсто раст. И тоа е добро, но не е доволно, напомена Заев.
Ако политичарите знаат доволно да ги слушаат стопанственциите, практичарите, синдикатите и ако бидат доволно мудри да ги искористат искуствата на пријателските земји, возможно е, подвлече Заев, да се достигнат високи бројки на раст.