СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

МОТ: Пандемијата не само што го уништува вработувањето го попречува и образованието на младите

Повеќе од едно на секои шест млади лица престанало да работи по започнувањето на пандемијата на КОВИД-19, додека, пак, работното време на оние што останале вработени било намалено за 23 проценти, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Младите луѓе се несразмерно погодени од пандемијата, а значителното и брзото зголемување на невработеноста кај младите луѓе од февруари досега повеќе ги погодува младите жени отколку младите мажи.

Пандемијата им нанесува троен шок на младите луѓе. Таа не само што го уништува нивното вработување, велат од МОТ, туку ги попречува и образованието и обуката и предизвикува поголеми препреки на патот на оние што сакаат да влезат на пазарот на труд или да го сменат работното место.

-Со 13,6 проценти, стапката на невработеност на младите луѓе во 2019 година веќе беше повисока во споредба со која било друга група. Во светски рамки имаше околу 267 милиони млади луѓе што не се вработени и не се вклучени во образование или обука (NEET). Оние лица на возраст од 15-24 години што беа вработени исто така со поголема веројатност беа вработени во форми на работа што ги ставаат во ранлива положба, како што се ниско платените занимања, работата во неформалниот сектор или како работници мигранти, се вели во соопштението од Канцеларијата на МОТ во Скопје.

МОТ, повикува на итни, обемни и насочени мерки од политиките за поддршка на младите луѓе, вклучувајќи општи програми на гаранции за вработување/обука во развиените земји, како и програми и гаранции што вклучуваат отворање голем број работни места во земјите со ниски и средни приходи.

Четвртото издание на Мониторот на МОТ, исто така, ги разгледува мерките за создавање безбедно окружување за враќање на работа. Мониторот наведува дека ригорозното тестирање и следење (ТС) на заразите со КОВИД-19 „е тесно поврзано со помалото нарушување на пазарот на труд и со значително помали општествени нарушувања од мерките за изолација и вонредните состојби.“

Во земјите каде што се врши засилено тестирање и следење, просечниот пад на работните часови е намален дури до 50 проценти. Постојат три причини за ова: ТС го намалува потпирањето врз строги мерки за изолација; ја подобрува довербата на јавноста и на тој начин ја поттикнува потрошувачката и ја поддржува вработеноста; и помага за сведување на најмала мера на нарушувањето на работењето на работните места.

Дополнително, тестирањето и следењето може сами по себе да креираат нови работни места, иако само привремено, што може да бидат насочени кон младите луѓе и другите приоритетни групи.

Мониторот, исто така, ги ажурира процените за намалувањето на работните часови во првото и второто тримесечје на 2020 година, во споредба со четвртото тримесечје на 2019 година. Проценети 4,8 проценти од работните часови биле изгубени во текот на Т1 во 2020 година (што е еднакво на приближно 135 милиони работни места со полно работно време, ако се претпостави 48-часовна работна недела). Ова претставува мала нагорна корекција од околу 7 милиони работни места во периодот по третото издание на Мониторот. Проценетиот број на загубени работни места во Т2 останува непроменет и изнесува 305 милиони.

Од регионална перспектива, Северна и Јужна Америка (13,1 проценти) и Европа и Централна Азија (12,9 проценти) ги претставуваат најголемите загуби во работни часови во Т2.

Мониторот повторно го нагласува својот повик за непосредни и итни мерки за поддршка на работниците и претпријатијата во согласност со стратегијата на МОТ што се темели на четири столбови: стимулирање на економијата и вработеноста; поддршка на претпријатијата, работните места и приходите; заштита на работниците на работното место; потпирање врз социјалниот дијалог за изнаоѓање решенија.

Поврзани вести

Буџетот за 2021 година ќе обезбеди одржливост и надминување на негативните последици

Берта Китинска

Бислимовски: Инвестициите во ОИЕ ќе имаат влијание врз цените, но и врз ранливите потрошувачи

Влатко Зорба

Одложен состанокот со потенцијалните катарски инвеститори во Вардар

Влатко Зорба