За корисниците со дебитна картичка од денеска ќе почне исплатата на паричните права од социјална и детска заштита за месец јуни, а од понеделник за корисниците кои средствата ги подигнуваат во експозитурите и филијалите на банките, информираат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и нагласуваат дека и овој месец ќе изврши етапна исплатата на гарантирана минимална помош, надоместок заради попреченост, надоместок за помош и нега од друго лице, надоместок на плата за скратено работно време, додаток за домување и на траен надоместок.
-Исплатата ќе се спроведе во три групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа в понеделник на 6 јули за А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, втоник 7 јули за И, Ј, К, Л, Љ, М, Н, Њ, О и в среда на 8 јули за П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш, соопшти МТСП.
Корисниците кои имаат дебитна картичка поврзана со трансакциската сметка на која се исплаќаат правата од социјална и детска заштита, велат од МТСП, од денеска ќе можат паричните средства да ги подигнат на банкоматите на банките, да ги користат за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство.
-Етапната исплата на паричните права од социјална и детска заштита се прави со цел да се избегне метежот пред банките и да се овозможи поголема заштита на корисниците на овие права во услови на опасност од вирусот КОВИД-19, истакнуваат од МТСП и потсетуваат на обврската за носење лична заштита заради спречување на ширење на коронавирусот.
Нагласуваат дека сите кои ќе подигнуваат пари од банкомати или од филијалите и експозитурите на банките, се должни да носат заштитна маска што ги покрива носот и устата и да одржуваат физичко растојание од два метра.