Нови поголеми овластувања на инспекциските служби за справување со прекршителите на КОВИД протоколите се предвидува во измените на Законот за заштита на население од заразни болести
Доколку инспекторите утврдат прекршување на здравствените протоколи, ќе имаат овластување на лице место да изречат привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена на правните субјекти кои не ги почитуваат мерките.
Дополнително според новите висината на глобите ќе варира во зависност од големината на правниот субјект. На овој начин очекуваме дека ќе се обезбеди ефективност на санкцијата, а од друга страна ќе постои правичност, односно ќе им се даде можност на оние правни лица кои ги почитуваат протоколите да продолжат да си ја вршат својата работа, а оние правни лица кои нема да ги почитуваат протоколите да бидат соодветно и навремено санкционирани.
Истовремено, со новите законски измени ќе се зголемат паричните казни за прекршителите на здравствените протоколи. Висината на казните ќе биде во зависност од големината на правните лица (фирмите).
Во однос на висината на глобата, со измените е предвидено за микро претпријатие кое прекршило некој протокол се предвидува глоба од 2.500-3.000 евра во денарска противвредност, за мало претпријатие 5.500- 6.000 евра, за средно 17.500-18.000 евра и за големо претпријатие 25.000-30.000 евра, како и соодветни глоби за одговорното лице на правното лице (1.500 евра), 750 евра за трговец поединец и 250 евра за физичкото лице.
Измените и дополнувањата на Законот за заштита на население од заразни болести ќе стапат во сила откако ќе ги прифати и одобри Собранието на Република Северна Македонија.