И покрај неизвесноста околу изборите во САД, веќе постои јасен победник – локалните компании за канабис, пишува Блумберг.
Индустриските лидери се радуваа откако марихуаната беше легализирана во сите пет држави кои го вклучија ова прашање на гласањето во вторникот, вклучително и во републиканските бастиони во земјата.
„Канабисот дефинитивно победи“, рече Борис Џордан, претседател на Curaleaf Holdings, една од најголемите компании за канабис во земјата.
Новите резултати ја прават марихуаната за рекреативни цели легална во 15 држави, а нејзината употреба за медицински цели е одобрена низ поголемиот дел од земјата. Гласачите во Њу Џерси дале широка поддршка за легализација на марихуаната, додека во Мисисипи луѓето гласале за полибералната од двете опции за легализирање на медицинската употреба. Јужна Дакота беше првата држава што гласаше за да се дозволи марихуана и за рекреативни и за медицински цели.
„Сметаме дека ова е голем сигнал за Вашингтон и другите држави“, рече Џордан во телефонското интервју. „Канабисот извојува многу поголема победа отколку што некој замислуваше“, додаде тој.
Цените на акциите на канабис пораснаа на берзата во Њујорк по објавувањето на резултатите од гласањето.
И покрај зголемената поддршка за канабисот во САД, можноста за легализација на федерално ниво беше погодена, барем на краток рок, од веројатноста дека републиканците ќе ја задржат контролата врз Сенатот. Досега тие имаат освоено 47 места, а во шест држави сè уште нема јасни победници во трката.
Ова тежи многу за канадските компании за канабис, на кои им недостасува силниот американски пазар. Некои инвеститори, исто така, сметаа дека ќе биде полесно доколку победат демократите. Акциите на „Canopy Growth“, најголемата компанија во Канада во индустријата, паднаа за 5,3%, додека оние на „Tilray“, чии акции некогаш беа едни од најжешките во Канада, отпишаа 8% од нејзината вредност.
Веројатноста за републикански сенат значи дека MORE Act законот, со кој би се легализирал канабисот на федерално ниво, сега не е на маса, а законската промена најверојатно ќе се случи врз основа на STATES Act, кој ги пренасочува проблемите кон легализирање на државите.
Со резултатите што доведоа до легализација во Њу Џерси, Аризона, Монтана и Јужна Дакота, како и легализација за медицински цели во Мисисипи, вкупниот пазар за производители на канабис расте за повеќе од 3 милијарди долари.
По одобрувањето на марихуаната за рекреативни цели во Њу Џерси, соседните пазари како Њујорк, Пенсилванија и Конектикат може да бидат под притисок да го направат истиот потег.
Брзото усвојување не е точно изненадување за многумина во индустријата, но раководните лица се задоволни што ова навистина се случува.
„Се будите и гледате дека една третина од Америка живее во држави каде канабисот е легален за возрасните“, рече Бен Каулер, извршен директор на „Green Thumb Industries.“.