СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Македонија се враќа на преткризно ниво за две години

Народна банка (НБ) за оваа година проектира пад на економската активност од 4,9%, наспроти падот од 3,5% во април. На среден рок, НБ предвидува постепено, но поумерено закрепнување со стапки на раст од 3,9% (2021 година), 3,6% (2022 година) и 4% (2023 година).

“Оваа патека на раст значи дека економијата би се вратила на преткризно ниво во текот на 2022-ра година“, наведуваат од Народна банка во рамки на ревизија на макроекономските проекции.

Оттаму проектираат пад кај сите компоненти на бруто домашниот производ (БДП) оваа година, освен кај јавната потрошувачка.

Најголем пад има кај бруто-инвестициите ‒ пад од 12,8% во услови на намалени странски директни инвестиции, како и послаби домашни инвестиции од страна на приватниот и јавниот сектор. Личната потрошувачка со пад од околу 4% во услови на пад на расположливиот доход на населението, при неповолни поместувања на пазарот на труд и помали приватни трансфери, но и поголема воздржаност од потрошувачка. Извозот ќе забележи пад од 11,7%, поради намалена странска побарувачка и привремен застој во глобалните синџири на снабдување. Намалената лична и инвестициска побарувачка, заедно со падот на извозот ќе доведат и до помали увозни притисоци, односно увозот ќе се намали за околу 12%.

Во однос на ценовните движења, проектираната патека на економски раст нема да создаде поголеми притисоци од страна на побарувачката врз инфлацијата и оттаму од НБ очекуваат дека инфлацијата на среден рок ќе се задржи на умерено ниво.

“Притоа, за 2020 година, имајќи ги предвид малку повисоките остварувања за 10 месеци од оваа година (1%), правиме умерена нагорна ревизија од 0% на 1,1%, а за наредните две години ги задржуваме истите проекции од 1,5% и 2%, соодветно. Ризиците за проектираната инфлација се главно поврзани со неизвесноста околу увезените цени на храната и на енергенсите (значително учество во потрошувачката кошничка), како и можни ограничувањата на понудата поврзани со пандемијата“, велат од НБ.

Кредитната активност на банкарскиот систем и во период на криза продолжува да биде еден од важните фактори за поддршка на економскиот раст. Кредитните текови во првите девет месеци од оваа година се повисоки од очекуваните, во услови на подинамичен раст на депозитната база од очекуваниот и понатамошно релаксирање на кредитните услови. Придонес во оваа насока имаа и мерките на Народната банка од почетокот на кризата, коишто беа во насока на релаксирање на монетарната политика и овозможување на регулаторна флексибилност. На крајот на 2020 година се очекува кредитната поддршка да бележи раст од 5,3% на годишна основа, а до крајот на периодот на проекции оваа стапка се оценува да забрза на близу 8%. Овие прогнози се темелат на очекувањата за понатамошен раст на депозитите, како основен извор на финансирање, во услови на подинамичен раст на економијата и дополнителни девизни приливи. Воедно, се очекува подобрување на согледувањата за ризик на банките, како и поголема склоност за задолжување, при очекувана нормализација на тековите.

Поврзани вести

Колку часови треба да работат Македонците, за да наполнат еден резервоар гориво?

Влатко Зорба

Министерството за транспорт и врски стави на располагање 62.280 поединечни и месечни транспортни дозволи

Влатко Зорба

Царовска: Нема ништо спорно во исплатата на К-15 предвидена со колективниот договор за администрацијата

Stefanija Kuzmanovska