СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Инфлацијата во македонската економија останува умерена, вели Ангеловска-Бежоска

Една од клучните одлики на нашата економија е одржувањето ниска и стабилна инфлација веќе подолг период наназад, при што, во просек, инфлацијата во последните години изнесува околу 1%. Остварувањата минатата година и во првите два месеци од оваа година речиси во целост се во согласност со проекциите на Народната банка. Слично на очекувањата за движењата на цените во ЕУ – инфлацијата во македонската економија останува умерена. И најновите податоци и очекувања го потврдуваат одржувањето на ценовната стабилност.

Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во емисијата „Економски магазин“ на телевизијата Алсат-М.

Осврнувајќи се на движењата на цените, гувернерка истакна дека во глобални рамки, во овој период, цените на примарните производи се променливи и во нагорна, и во надолна насока и дека засега, иако податоците и анализите упатуваат на нагорни поместувања, тоа не е на некое високо ниво.

„За нас, имајќи предвид дека ЕУ е најзначаен трговски партнер на нашата економија, особено е важно што ќе се случува со движењето на цените во ЕУ, каде што засега не се очекуваат позначителни промени, заради што ЕЦБ и продолжува со олабавената монетарна политика. Нагорното поместување на проекциите на ЕЦБ е умерено и причините главно се лоцираат кај цените на енергенсите и други фактори за коишто засега се смета дека имаат привремен карактер.“ – нагласи Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката истакна дека е исклучително важно што централните банки на големите економии, засега, за следниот период планираат да продолжат со олабавената монетарна политика, затоа што тоа е фактор што влијае врз случувањата на меѓународните финансиски пазари, коишто имаат влијание и врз цените на кредитирањето во нашата економија.

„За нас е многу важно што се случува на меѓународните финансиски пазари. Колку се тие порелаксирани, толку за нас има поголем простор за водење полабава монетарна политика. Тоа е прв предуслов, а какви ќе бидат каматните стапки кај нас зависи и од девизниот потенцијал на нашата економија, што засега е на сосема соодветно ниво според сите последно расположливи податоци и секако од инфлацијата, којашто зависи покрај од надворешни, и од домашни фактори, пред сѐ од домашната побарувачка.“ – нагласи Ангеловска-Бежоска.

Во однос на актуелните трендови кај кредитната поддршка за населението, гувернерката посочи дека најзабележлив е растот кај станбените кредити од околу 13%, додека има забавување кај потрошувачките кредити на околу 6-7%, со што се гледа промена на структурата на кредитирањето.

Како што нагласи Ангеловска-Бежоска, по донесувањето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, на којшто работеа тимови на Народната банка и Министерството за финансии, со поттикнувањето на конкуренцијата во платежната сфера со влегувањето на помали платежни институции коишто ќе понудат нови услуги за граѓаните по пониска цена, се очекува дека ќе дојде до намалување на провизиите за платежните услуги.

Меѓу другото, во интервјуто, гувернерката истакна дека податоците укажуваат дека регулаторното олеснување со коешто се овозможи одложување на отплатата на кредитите под привремено променети услови за банките имаше позитивен придонес за досегашното справување со кризата. Како резултат на оваа мерка, околу 44% од вкупното редовно кредитно портфолио во нашата земја го сочинуваат кредити со олеснети услови за отплата, што е повеќе отколку во ЕУ.

„Во моментот, како централна банка правиме детални анализи за да се види ефективноста од мерката и сегментите на коишто би требало да се обрне особено внимание. Врз основа на анализите, ќе имаме разговори и со Македонската банкарска асоцијација (МБА) за да одлучиме за евентуални натамошни чекори. Но, важно е да се има предвид дека ако нема регулаторни промени, тоа не значи дека граѓаните не можат да се обратат до банките за да добијат пролонгирање на отплатата на кредитите, во зависност од нивната финансиска состојба. Кога зборуваме за регулаторни промени, се мисли на промени коишто би се однесувале на стимулирање на банките да го направат тоа.“ – посочи гувернерката, напоменувајќи дека во овој сегмент, за банките важат правилата за резервации од пред кризата.

Во интервјуто, таа посочи дека податоците покажуваат дека има структурни подобрувања кај трговскиот дефицит, а дека намалувањето минатата година се должи на тоа што намалувањето на извозот беше помало од намалувањето на увозот. Притоа нагласи дека ова не е изненадување и дека и во други епизоди на криза имало намалување на трговскиот дефицит.

Одговарајќи на прашање за јавниот долг, Ангеловска-Бежоска истакна дека растечкиот јавен долг е глобален феномен и резултат на фискалните пакети за поддршка на економиите, но ова уште повеќе ја нагласува потребата за натамошно мудро и рационално користење на јавните ресурси.

„Фискалните пакети треба да се насочени кон најранливите категории и кон расходи коишто не влијаат само на краток рок, туку коишто на долг рок го зголемуваат потенцијалот за раст на економијата, којшто би значел и поголеми буџетски приходи. Ова на среден рок ќе помогне за фискална консолидација. Исто така, за фискална консолидација важно е спроведувањето натамошни структурни реформи, од коишто зависи и каматната стапка на долгот, бидејќи од нив зависат и согледувањата на меѓународните инвеститори.“ – нагласи гувернерката.

Поврзани вести

Кој е најголем извозник во регионот, а каде сме ние?

Stefanija Kuzmanovska

Азески: Сакаме да имаме туризам, а енергијата ја насочуваме на погрешна страна

Влатко Зорба

„ВАРДАРГРАДБА“ за 1,5 милиони евра ќе гради детска градинка во Аеродром

Влатко Зорба