Лидерите на водечките американски компании, вклучувајќи ги Exxon, Pzer, Apple и General Motor, бараат смена на претседателот Доналд Трамп, откако неговите приврзаници упаднаа во американскиот Конгрес во средата за време на состанокот на кој се потврдуваа резултатите од претседателските избори, пренесе Ројтерс.
Според последните податоци, четири лица загинаа при блокадата на Капитол, а 50 беа уапсени, а одземени им беа експлозивни направи и оружје.
Група од 14.000 американски големи бизниси сака Доналд Трамп да биде сменет од функцијата со цел „да се заштити демократијата во земјата“.
Националното здружение на производители на САД го обвинува претседателот за „поттикнување насилство во обид за задржување на власта, кршење на неговата заклетва пред Уставот и отфрлање на демократијата во корист на анархијата“.
Доналд Трамп има 14 дена да ја напушти претседателската функција пред да му ја предаде власта на својот противкандидат Џо Бајден. Извршниот директор на Apple, Тим Кук, вели дека оние кои се вклучени во бунтот „мора да одговараат и треба да се заврши транзицијата кон администрација на новоизбраниот претседател Бајден“
Џејми Димон, претседател на една од најголемите банки во Соединетите држави, JPMorgan, коментира: „Нашите избрани лидери имаат одговорност да повикаат на прекинување на насилството, да ги прифатат резултатите и, како што правеше нашата демократија стотици години, да ја поддржуваат мирната транзиција на власта“.
Реагираше и основачот на Facebook, Марк Закерберг. Тој рече дека на Соединетите држави „им требаат политички лидери кои ќе дадат пример и ќе ја стават нацијата на прво место“.
Во меѓувреме, социјалната мрежа, Twitter ги блокираа профилите на претседателот Доналд Трамп по објавените статуси за поддршка на демонстрантите. Тој упати порака „Ве сакам“ на социјалните мрежи, пред да повика на крај на немирите.