Најдобрите 20 фудбалски тимови во Европа изгубија 2 милијарди евра поради пандемијата на КОВИД-19, пишува „Атлетик“, повикувајќи се на извештај на „Делоит“.
Првото место е сепак за Барселона, иако вирусот ги намали приходите на „каталонците“ за 15%.
Тимот ја заврши сезоната 2019/2020 со приходи од 715,1 милиони евра во споредба со рекордот во својата историја, 840,8 милиони евра пријавен пред 12 месеци. Барселона минатата година не успеа да освои титула за прв пат по една деценија.
Приходите на Реал Мадрид паднаа за само 6% во овој период, но тоа не беше доволно за челната позиција. Сепак, клубот останува многу близу до својот вечен ривал, бидејќи приходите достигнаа 714,9 милиони евра.
Третото место е за баварскиот шампион Баерн Минхен, а го следат тројца англиски претставници – Манчестер Јунајтед, Ливерпул и Манчестер Сити.
Во топ 10 се и Пари Сен Жермен, Челси, Тотенхем и Јувентус.
Просечниот пад на приходите за првите 20 екипи е 55 милиони евра, според „Делоит“. Само двајца од тимовите пријавиле зголемување на приходите во споредба со една година порано. Тоа се рускиот Зенит и англискиот Евертон.
Вкупните приходи на првите 20 екипи минатата година достигнаа 8,2 милијарди евра или 12% помалку од претходната година.