СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Протоколи за работи и континуирана финансиска поддршка за спас на угостителството

Финансиската помош која се обезбедува за поддршка на реалниот сектор да има континуитет, како и да се обезбедат протоколи за работа за сите дејности кои се дефинирани во Националната класификација на дејности бара Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија.

„Секторот угостителство се соочува со многу предизвици и отежнати услови за работа, како и со целосно отсуство на протоколи за голем број други дејности. Во такви околности потенцираме дека е неопходен континуитетот на економските мерки со цел задржување на работните места и на деловните субјекти. Со изминување на месец јануари, а во недостаток на петтиот пакет мерки кој се однесува на првиот квартал од 2021 година, повторно се доведуваме во состојба да бидеме оставени без финансиска поддршка, како што тоа се случи во неколку наврати и минатата година. Но овој пат секторот се наоѓа во многу потешка состојба поради што многу угостители ќе мора да ги затворат своите објекти, а континуирано напоменуваме дека тоа ќе се одрази штетно и на околу 30.000 вработени во овој сектор”, изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на ТУК и упати апел петтиот пакет на економски мерки да се донесе во најкус можен рок и да се направи обид мерките да се ефектуираат од месец јануари.

Најголем број угостители се придржуваат до мерките за заштита од ширење на пандемија кои Владата ги носи по препорака на Комисијата за заразни болести. Но и покрај тоа во месеците март, август и септември минатата година секторот сам се снаоѓаше бидејќи немаше континуитет во обезбедување на економските мерки за поддршка. Исто така треба да се истакне дека од колку 6.500 правни субјекти во угостителскиот сектор само 132 добија комбинирана помош односно поддршка за исплатата на плати и неповратна финансиска помош во форма на грант за покривање на другите трошоци. Овој податок покажува дека дел од претпријатијата добија помош само за исплата на плати на вработените, додека за другите трошоци во услови на значително намалена деловна активност самостојно обезбедуваа средства 11 месеци. ТУК ги охрабрува надлежните институции јавно да ги објават податоците за искористеност на средства од финансиската помош во угостителството, како по број на субјекти така и во апсолутни суми за да може да се добие реална слика за димензијата на поддршката што се дава и очекувањата во наредниот период.

„Важна активност која очекуваме да се завршени од надлежните институции и од која ќе зависи одржување на дел од дејностите е и подготвувањето на прецизни протоколи за работа кои би можеле да најдат соодветна примена и за друга следна состојба. Иако речиси една година како е прогласена пандемијата ние се уште немаме протоколи за најголем број од дејностите. Во таа група се и рестораните за прослави и клубовите кои се затворени повеќе од 300 денови и за кои се уште нема никаков протокол за работа. Поради оваа состојба не само што сега не може да се реализираат деловни активности, туку не може ниту се прават планови и проекции за наредниот период. Поради целокупната ситуација станува прашање на недели кога ќе почнат да згаснуваат угостителски објекти поради наталожените долгови, а со тоа ќе се зголемува и бројот на оние кои ќе останат без егзистенција”, изјави Ангеловски.

Тој истакна и дека ТУК активно ги следи и глобалните случувања во секторот.

„Се надеваме дека во наредниов период кој е исклучително тежок и чувствителен за угостителството, нема да се дозволи целата мака, солидарност и пожртвуваност која се покажа од огромен број на луѓе, да биде без цел. Ја охрабруваме Владата, за поголема ажурност и свесност за проблемите во кои се наоѓа овој сектор, затоа што на крајот, тие проблеми се заеднички и доколку соодветно, навремено и до крај не се решат, последиците ќе бидат долгорочни и ќе погодат голем број на граѓани. Иако угостителството во моментот е еден од најпосакуваните дејности, може да се спаси, ако сите бидат на висина на задачата”, истакна Ангеловски.

Поврзани вести

„Оштетени штедачи“: На семејството Костовски му се нуди можност за нов криминал

Ангела Веселиновска

Османи: Патната и железничката инфраструктура помеѓу С. Македонија, Бугарија и Албанија е од интерес за целиот Европски континент

Влатко Зорба

Ангеловска: Барајте ги вашите сметки, покрај повратот на средства учествувате во борбата против против затајувачите!

Берта Китинска