Досега не се појавија фотографии во живо кои го прикажуваат претстојниот флексибилен телефон на Samsung, Galaxy Z Fold3. Сепак, дизајнерот Бен Гескин, кој е познат по својата квалитетна работа, покажува рендер што сугерира како може да изгледа Galaxy Z Fold3.
Неговиот дизајн во голема мера се заснова на протечени информации што се појавија досега за моделот Z Fold3. Дизајнот покажува истакнат систем на камери, кој е идентичен со оној на телефонот Galaxy S21 Ultra.
Веќе некое време се појавуваат информации дека претстојниот флексибилен телефон ќе има поддршка за S Pen. Се очекува паметното пенкало, како и со моделот S21 Ultra, да се нуди одделно. Во тоа верува и Гескин, имајќи предвид дека S Pen од сликата е преголем за да се смести во слотот во телефонот, иако ова сепак е само визија на дизајнерот.
Една од поновите информации, кои сме ги слушнале за моделот Z Fold3, тврди дека тој ќе има помали дисплеи од претходникот. Овој пат се очекува внатрешен екран од 7,55 инчи и надворешен дисплеј од 6,21 инчи. Друга можна карактеристика е камерата под екранот.
Samsung Galaxy Z Fold3 може да го очекуваме во јуни годинава, а можно е телефонот да има цена што е на ниво на сегашниот модел на Galaxy Z Fold2.