СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Петтиот пакет мерки усогласен со коморите

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за економија Крешник Бектеши изврши презентација на финалниот предлог на Петтиот пакет економски мерки за справување со кризата предизвикана од коронавирусот Ковид-19, пред претставници на коморите, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог и билатералните комори во земјата.

Вицепремиерот Битиќи во вовeдното излагање при презентација на мерките потенцираше дека во овој предлог се вклучени сите релевантни сугестии од страна на бизнис секторот, синдикалните организации и другите чинители во општеството, а главна цел на мерките е да одговарат на предизвиците со кои се соочува стопанството, како и да се обезбеди едноставна примена на мерките.

„Петтиот пакет содржи 30 мерки, а може да се поделат во четири столба: финансиска поддршка за исплата на плати и задржување на работните места, финансиска поддрша за ликвидноста на компаниите и граѓаните, мерки за поповолно деловно опкружување и директна помош за граѓаните. Се обидовме максимално да одговориме на барањата на стопанството и граѓаните и да ги креираме мерките да бидат лесно применливи”, нагласи Вицепремиерот.

Битиќи соопшти дека директната финансиска помош за исплата на плати ќе продолжи со Петтиот пакет на мерки, а за оваа цел се креирани два модалитети, пришто самите компании ќе одлучат кој модалитет сакаат да го искористат. Со вториот модалитет кој предвидува бескаматни кредити, а со кој се таргетираат компаниите од најпогодените сектори, средствата освен за исплата на плати, ќе може да се користат и за други потреби на компаниите.

Претставниците на стопанските комори изразија задоволство од Петтиот пакет мерки, како и голема благодарност што се вклучени во креирањето на мерките и што нивните предлози се слушнати и вклучени во предлогот мерки.

Заедничкиот заклучок од средбата е дека како никогаш досега разговорите помеѓу Владата и стопанството се отворени и конструктивни.

Во Петтиот пакет покрај финансиската поддршка за исплата на плати се планирани и низа на други мерки, за компаниите од туристичката дејност, транспортот на патници, индустријата за организација на настани, медиумите, занаетчиите, извозните компании, даночни и царински олеснувања, како и други мерки за одредени групи на граѓани, кои се директно поврзани со ефектите на ковид кризата.

Поврзани вести

Проблемите на градежништвото во фокусот на Симпозиумот на градежни конструктори

msp-admin

Просечната плата во технолошко-развојните зони е пониска во однос на просечната плата во македонската економија

Влатко Зорба

Поевтинуваат дизелот и бензините

Берта Китинска