Чат апликацијата WhatsApp, во сопственост на Facebook, објави дека сепак ќе ја спроведе контроверзната политика за приватност. Исто така, ќе пушти и банер, кој ќе дава дополнителни информации, пренесува Ројтерс.
„Претходно, наидовме на многу дезинформации во врска со ова ажурирање и ќе продолжиме да работиме напорно за да расчистиме каква било забуна“, стои во соопштението што компанијата го објави на својот блог.
Во јануари, апликацијата за разговор ги информираше своите корисници дека подготвува нова политика за приватност, според која ќе споделува ограничени податоци за корисниците со Facebook и нејзината група на компании.
Ова предизвика незадоволство низ целиот свет и доведе голем број корисници да се свртат кон конкурентските апликации на Telegram и Signal, како и на други. Оваа реакција го натера WhatsApp да го одложи ажурирањето на својата политика до мај и појасни дека иновациите се насочени кон тоа да им се овозможи на корисниците да разменуваат пораки со компании без да влијаат на личните разговори.
Во Индија, каде се наоѓа најголемата корисничка база на апликацијата, раководните лица на Facebook мораа да одговорат на прашањата на властите за потребата од промена. Ова се случи само неколку дена откако Министерството за технологија на земјата ја повика платформата да се откаже од своите планови.
Во својот последен пост на блогот, WhatsApp вели дека ќе започне да ги потсетува корисниците да ги прегледуваат и прифаќаат ажурирањата за да продолжат да ја користат платформата за пораки.
„Вклучивме и повеќе информации за да се обидеме да ги решиме проблемите што ги слушаме“, се вели во текстот.
Вестите за WhatsApp дојдоа кратко откако Facebook одлучи да ги блокира сите содржини на вести во Австралија.
Во последниве години, технолошките гиганти се подложени на сè поголеми критики за начинот на управување и собирање информации за потрошувачите, особено чувствителни лични податоци. Facebook е една од компаниите кои постојано се соочуваат со прашања за безбедноста на податоците од регулаторите, владите и организациите на потрошувачите ширум светот.