Во отвореното писмо до владата во понеделникот, германските пивари побараа финансиска помош затоа што се во опасност од колапс поради наглиот пад на побарувачката во услови на заклучување на економијата.
Германија ги затвори пабовите, хотелите и рестораните во вториот круг на заклучување во ноември минатата година, потсетува Ројтерс.
Отворено писмо од здружението, потпишано од околу 300 пивари, бара финансиска помош од владата, како дел од програмата за поддршка на корона-кризата, што ги принуди да фрлат големи количини непродадено пиво.
Владата обезбеди помош за пабовите и баровите, но не и за пиварите, се присетува Ројтерс.
„Од недела во недела, сè повеќе пивари, пабови во нивна сопственост и трговци на големо, без нивна вина, се соочуваат со опасност од колапс и закана од банкрот“, се вели во отвореното писмо од здружението на пивари ДББ и ВПБД.
Писмото, меѓу другото, го потпишаа германскиот огранок на данската пивара Карлсберг, Битбургер Браугрупе, Кромбахер и Пауланер.
„Поради заклучувањето и пропаѓањето на пазарот за точено пиво како последица на тоа, пиварите останаа без добар дел од нивните економски основи преку ноќ“, пишуваат тие.
„Залихите пиво со истечен рок на траење, вредни милиони евра, мораше да се фрлат“, додаваат пиварите.
Во исто време, тие велат дека продажбата на флаширано пиво во продавниците „не била ни приближно доволна“ за да се компензира изгубената продажба во угостителскиот сектор и слабиот извоз.
Пиварите продале околу 8,7 милијарди хектолитри пиво минатата година, што е за 5,5% помалку од претходната, соопшти германскиот завод за статистика.
Бројката не вклучува безалкохолно пиво, слад пијалоци или пива увезени од земји надвор од Европската унија.
Љубовта на Германија кон пивото се намалува со години, но 2020 година беше особено тешка за пиварите бидејќи пандемијата ги лиши од бројни фестивали и настани придружени со голема потрошувачка на пиво, вклучувајќи го и познатиот минхенски Октоберфест.