Иако на воведувањето на 5G технологијата во земјите од Источна Европа често се гледа преку призмата на геополитичка лојалност, технологијата може да направи голема разлика во нивните економии.
Како што се обликува раното поставување на 5G инфраструктурата низ Западна Европа, внатре во Источна Европа, поголем дел од земјите се во многу различни фази кога станува збор за нивното поединечно воведување на 5G. Поради различниот технички, правен, па дури и политички контекст, овие држави донесуваат тешки одлуки што да прават понатаму.
Регионот на Балкан, каде што повеќето земји не се членки на ЕУ, честопати се доживува како арена во која меѓународните сили се обидуваат да создадат свои сфери на влијание. Донесувањето на 5G технологијата на Балканот е само една од областите каде се натпреваруваат големите сили, а во овој случај главни играчи се САД и Кина.
Во текот на изминатите неколку години, поголем дел од регионот стана дел од 5G безбедносната иницијатива предводена од САД, наречена „Чиста мрежа“. Северна Македонија, Бугарија и Косово беа последните земји што се приклучија на пактот во октомври 2020 година, во кој сега членуваат 53 земји и вклучува 180 телекомуникациски компании. Како што опишува Стејт Департментот, иницијативата е создадена за да се справи со „долгорочните закани по приватноста на податоците, безбедноста и човековите права, претставени на слободниот свет од авторитарните малигни актери, како што е Кинеската комунистичка партија“.
Во декларацијата посебно се споменуваат кинеските технолошки гиганти Huawei и ZTE како „недоверливи IT провајдери“, на кои иницијативата сака да им се спротивстави.
Huawei веќе има големо присуство во регионот, благодарение на тесната соработка на Кина со Србија, која според многумина е највлијателната земја во регионот на Балканот. Иако земјата формално не е дел од „Чистата мрежа“, во текот на минатата година српските власти потпишаа договор за економска соработка со Вашингтон, во кој се обврзаа дека забрануваат употреба на 5G опрема од „недоверливите провајдери“. Сепак, во овој конкретен договор, не беше директно спомената ниту Кина, ниту производителите како Huawei.
Според Вук Вуксановиќ, истражувач на меѓународните односи од Лондонската школа за економија и политички науки (LSE), примерот со Србија покажува дека регионот е веќе во тешка ситуација, кога станува збор за заземањето страна во американско-кинескиот спор.
„Нема конкретно споменување на Huawei или Кина, но сите знаат на кого целат Американците. Нациите во регионот се потешко ќе најдат рамнотежа меѓу Кина и САД. Како што се интензивира кинеско-американското ривалство, тоа е случај и со американскиот отпор против Кина, вклучувајќи ги и 5G амбициите на Huawei во регионот “, изјави Вуксановиќ за технолошкиот портал ZDNet.
Првично предвидено да почне во 2021 година, Србија исто така одлучи да го одложи своето долгоочекувано воведување на 5G, при што српските власти отворено истакнаа дека „на луѓето во Србија во моментов не им е потребна 5G мрежа“, иако причина за тоа, веројатно е и недостатокот на буџет.
Останатите земји во регионот, како членките на ЕУ, Словенија и Хрватска, веќе почнаа да ги чувствуваат придобивките од воведувањето на 5G мрежи. Во текот на минатото лето, Телеком Словенија, водечки провајдер на ИКТ услуги во земјата, ја лансираше првата 5G мобилна мрежа. Проширувањето на транспортните капацитети на постоечките мобилни мрежи и обезбедувањето континуиран технолошки развој на IoT беа некои од главните причини за воведување на 5G во Словенија.
„Бидејќи секоја иднина почнува со првиот чекор, ние се определивме да почнеме со комплетирање на еволутивната надградба на постоечката мобилна технологија, која се базира на утврдени сигурни и безбедни стандарди што ги совладавме и ги надградувавме неколку децении“, вели Матјаж Беричиќ, CTO на Телеком Словенија за ZDNet.
„Во следните години планираме најмалку две големи фази на развојот на 5G. Деловните и резиденцијални корисници имаат сигурна и безбедна иднина во нашата мрежа.“
Компанијата, исто така, планира да ја лансира својата 5G јавна мобилна мрежа во форма на „кампусни“ мрежи, каде што единствената физичка инфраструктура може да биде домаќин на неколку виртуелни наменски мрежи за различни деловни вертикали, како што се снабдување со енергија, транспорт, логистика, производство, паметни градови, здравство, заштита и спасување, објасни Беричиќ.
Во соседна Хрватска, австрискиот мобилен оператор А1 работи и на воведување на 5G мрежи во повеќе од 70 градови. Двата оператори ја користат технологијата на Ericsson.
„Експертите на A1 интензивно работат на најновите технологии за радио пристап. 5G мрежата заснована на технологијата за динамичко делење на спектарот наскоро ќе биде подготвена во повеќе од 70 градови. Оваа технологија дозволува 5G мрежите да бидат овозможени преку постојните фреквенциски опсези и на тој начин се забрзува достапноста на 5G за крајниот корисник“, соопштија од A1 Хрватска за ZDNet.
Иако потенцијалот за употреба на 5G може да биде огромен, она од што регионот ќе има најголема корист е сигурната поврзаност, инфраструктурата и услугите што ги носи оваа технологија.
Иако земјите како Србија сè уште се двоумат околу тоа на кој 5G провајдер да му веруваат, можностите за подобрување на инфраструктурата и заживувањето на растот на нивните економии може да се покажат примамливи и за останатите, како Северна Македонија или Албанија, кои се на почетокот на процесот на воведување на 5G.
„Сигурната инфраструктура за поврзување станува стока што морате да ја имате, како електрична енергија или вода“, истакна Петар Поповски, професор по безжично поврзување на универзитетот Алборг во Данска.
„Во таа смисла, раната стратегија за распоредување на 5G и лиценцирањето на фреквенции може да биде одлична можност за регионот, бидејќи може да се гледа како дел од напредната инфраструктура, која може да привлече инвестиции, на пример, од компании за индустриско производство или компании за производство на мултимедија“.