СТАНДАРД life
ПРЕТПРИЕМАЧ

Крстевски: Најважно е да имаме клиенти кои се вакцинирани за да можат да патуваат

Крахот на туристичката сезона кој е извесен и за годинешната туристичка сезона може да се избегне сметаат туристичките работници,но само ако се вакцинира целото население.

Иво Крстевски од ТА „Пилот Травел” во интервју за „Стандард“ вели: „Најважно е да имаме клиенти кои се вакцинирани за да можат да патуваат”.

Тој посочува дека за туризмот не одговара вакцината „АстраЗенека“ со која викендов илјадници граѓани се вакцинираа во Србија, а со истата ќе започне вакцинацијата и во РС Македонија. Спорен момент за туризмот е фактот што ревакцинацијата е за три месеци. „Се обидуваме да ја организираме летната програма, која не може да се пролонгира за период од 12 недели. Тогаш ќе биде доцна”,објаснува Крстевски.

За граѓаните кои имаат аранжмани за летување уплатени минатата година, туристичките агенции прифаќаат т.н заменски резервации, што значи за оние кои имаат уплатено летување во Грција, им се нуди Турција како алтернативна дестинација.

Илјадници македонски граѓани викендов отпатуваа во Србија за да се вакцинираат. На ваков чекор се одлучија и вработените во голем број дејности организирани преку нивните комори. Дали меѓу нив се и туристичките работници?

-Туристичките работници можеа да се пријават преку Стопанската комора на Македонија, но немаше организирано вакцинирање преку нашата комора. Потегот на Србија е навистина голем и секако дека заслужува благодарност, но јас сметам дека нашата држава треба  да ни обезбеди вакцини. Треба да почувствуваме дека некој се грижи и за нас. За туристичките работници спорен момент е фактот дека ревакцинацијата со „АстраЗенека“ е дури за три месеца, односно во овој случај би била на крајот на јуни. Во моментов како туристички агенции  се обидуваме да ја организираме летната програма, која не може да се пролонгира за период од 12 недели. Тогаш ќе биде доцна. Како дилема се наметнува и прашањето дали сертификатот за примена вакцина од Србија ќе биде прифатен на некои граници заедно со македонскиот пасош.

Претходно, министерството за здравство го одби барањето на туристичките работници да бидат меѓу приоритетните групи за вакцинација во земјава.

-Секако дека во прв план треба да бидат здравствените работници, вработените во војската, во полицијата. Сепак, за нас е најважно да имаме население кое може да патува бидејќи е вакцинирано. Јас не морам да бидам меѓу првите кои ќе бидат вакцинирани, исто така и вработените во туристичките агенции. Пред нас можеби треба да добијат вакцина туристичките водичи кои со месеци седат дома. Најважно е да имаме клиенти кои се вакцинирани за да можат да патуваат. Во минатото луѓето со месеци порано резервираа аранжмани, но сега се соочуваме со сосема поинаква ситуација бидејќи се уште е непознато каде и под кои услови ќе може да се патува.

Во соседна Србија граѓаните веќе направиле околу 100.000 резервации за одмор во Грција.Дали можеби таму имаат некои сознанија за тоа каква летна сезона не очекува?

-И во Србија и кај нас најголемиот број резервации  се од страна на лица кои уплатиле аранжани минатата година. Анализите покажуваат дека дури 90% од резервациите се од клиенти кои имаат заробено средства од ланската година. Дел од туристичките агенции кај нас прифаќаат и заменски резервации, односно на оние кои, на пример имале уплатено летување во Грција им се нуди Турција како алтернативна дестинација .

Најголем губитник во пандемијата и кај нас и секаде во светот е туризмот. Странски гости немаше а домашните се броjат на прсти. Имате ли чувство на оптимизам дека работите годинава треба и можат да тргнат на подобро, дека и во услови на КОВИД, туризмот може да даде добри резултати?

-Во ваква ситуација не сум оптимист. Ако зборуваме за домашниот туризам треба да имаме предвид дека сме отворени , не бараме ПЦР тест, но сепак туристи нема ни за лек. Доаѓањето на странските туристи зависи од мерките во нивната матична држава. Така на пример, традиционалните гости од Холандија ќе дојдат само доколку по враќањето дома од одмор во Охрид нема да мораат да поминат две недели во изолација. Имавме гостин од Грција кој мораше да направи 4 ПЦР тестови за да се врати дома во Парга и тоа еден тест кај нас, потоа на граница, во Солун и во Парга. Овој тест е проблем и за  македонските туристи кои патуваат во странство. Парите не се во прашање туку сознанието и стравот дека се можеби заразени со КОВИД 19.Од друга страна има хотели во Бугарија  со кои соработуваат нашите агенции  а кои ги рефундираат средствата за ПЦР тестот. Имаме најави дека таков чекор ќе превземат и некои грчки хотели.

Во обид да се спаси и летната и зимската сезона и да се намалат штетите од пандемијата, беа воведени ваучерите за туризам но за оваа година тие се „на чекање”. Дали се потребни со оглед на покажаниот резултат кој беше далеку од очекуваниот?

-Вакви ваучери се потребни кога земјите се отворени, како стимул за домашниот туризам. Во услови на затворени граници мерката е нелогична. Доколку владата сака да помогне тоа треба да го стори на друг начин, и тоа преку директна помош за гранката. Средствата би се искористиле за да преживее гранката, но и да се направат стандарди за подобри услови во хотелите. Тука пред се мислам на повисок степен на хигиена, обезбедување прочистувачи на воздух, отворени ресторани….

Ќе барате ли од  Владата заеднички да креирате план како да се привлечат туристите од странство и уште повеќе како да се зголеми потенцијалот на домашниот туризам?

-Гостите од странство бараат високи стандарди. Погрешно е и надминато верувањето дека можете да ги привлечете само со природните убавини. Еден од предусловите е солидна инфраструктура- современи аеродроми и добри патишта. Кај нас за да стигнете до Охрид од Скопје ви требаат 4 часа. Од друга страна, до Халкидики ви се потребни само 3 часа.

К.В.С.

Поврзани вести

Пејоски: Стартапите лесно може да се адаптираат на промени, корона-кризата може да биде само двигател во правилна насока

Влатко Зорба

Димитриоски: Цените на рекламирање кај нас се исклучително ниски, а вкупната вредност на пазарот за огласување е очаен

Влатко Зорба

Димоски: Сегашното ниво на цени може да претрпи натамошни промени, за жал во нагорна линија

Влатко Зорба