СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

ИДУЕП: ЕУ ја поддржува дигиталната трансформација на земјите од Западен Балкан

Еден од четирите приоритети на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан (ЕИП) ќе биде поддршка на дигиталната трансформација на Западен Балкан и зајакнување на неговиот потенцијал како двигател на економскиот раст и просперитет во регионот преку подобрување на пристапот до дигитални добра и услуги – стои во официјалниот одговор од Европската Комисија (DG Connect) на дописот од ИДУЕП во рамки на јавната консултација во однос на „ЕУ дигитална декада – дигитални цели за 2030“.

Клучни компоненти на оваа поддршка, според Комисијата, ќе бидат дигитална инфраструктура и поврзување, дигитални вештини и компетентност, дигитална економија во ера на нови ИКТ технологии, доверба и безбедност, како и економска интеграција.

„Како што беше претходно наведено во соопштението на Европската Комисија „Зајакнување на процесот на пристапување – Кредибилна перспектива на ЕУ за Западен Балкан“ од февруари 2020 година, основната цел на ангажманот на ЕУ за Западен Балкан е да ги подготви земјите за исполнување на барањата за членство. Ова вклучува поддршка на основните демократски реформи, владеење на правото и економските реформи и нивно усогласување со основните европски вредности. Тоа за возврат ќе поттикне солиден, одржлив и забрзан економски раст и социјална конвергенција. И во тој контекст, дигитализацијата и развојот на дигитални вештини (како што посочува и Вашата организација) во сите слоеви на општеството се клучни за зајакнување на можностите за вработување и за активно учество во дигиталната економија во согласност со неодамна усвоеното Дигитално образование“, се вели во одговорот на Европската Комисија до ИДУЕП.

Оттаму наведуваат и дека Акцискиот план 2021-2027 ги поддржува системите за образование и обука за решавање на предизвиците на кризата со Ковид-19 како и на долгорочната дигитална трансформација. Минатиот октомври, ЕК го објави Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан (ЕИП) кој има за цел искористување на ИПА III фондовите преку гарантираниот инструмент за Западен Балкан. ЕИП се стреми да поддржи долгорочно економско закрепнување на регионот врз основа на зелена и дигитална транзиција, што ќе доведе до одржлив економски раст, спроведување на реформите за да се придвижи напред кон ЕУ и доближување на регионот до единствениот пазар на ЕУ.

„Последната клучна компонента за економската интеграција е всушност дигиталниот елемент на Акциониот план за Заеднички регионален пазар за Западен Балкан 2021-2024 година. Овој Акциски план ќе биде камен-темелник за интегрирање на регионот во единствениот пазар на ЕУ пред земјите да пристапат во Унијата. Тој е структуриран околу четирите слободи, истовремено опфаќајќи аспекти на дигиталната, инвестициската, иновациската и индустриската политика. Ова е клучно за регионот да ги искористи своите стратешки односи со ЕУ.“, стои во одговорот на Комисијата до Институтот.

Иницијативата за дигитална трансформација на ЕК насловена „ЕУ дигитална декада – дигитални цели за 2030“ (https://ec.europa.eu/info/law/better-regulation/have-your-say/initiatives/12900-Europe-s-digital-decade-2030-digital-targets) вклучува: јасна заедничка амбиција и дигитални принципи кои се во служба на луѓето, рамка со цел зголемување на европските стратешки капацитети, структура на управување помеѓу ЕУ и земјите-членки, како и активности за вклучување во јавноста во целокупниот процес.

ИДУЕП се вклучи во консултативниот процес, а јавните консултации за оваа иницијатива вклучија и други 86 мислења од различни заинтересирани страни, вклучително и ставот на најголемата социјална мрежа во светот, Фејсбук.

Во рамките на јавната дебата, Институтот ја поздрави заложбата на Европската комисија да ја засили поддршката на процесот на стекнување на зајакнати дигитални вештини и компетенции, дигитализација на сите деловни активности, како и дигиталната трансформација на јавните администрации и јавните институции. Овие амбициозни проекти мора да бидат придружени со специфични инструменти за практична имплементација за да се постигнат резултати не само на ниво на ЕУ и земјите-членки, туку во целост да предвидат вклучување на земјите-кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан.

„Да не оставиме никој зад себе“ треба да биде мотото на овој многу амбициозен и навремен ЕУ проект – беше заклучено од страна на ИДУЕП за време на консултативниот процес.

Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) веќе 12 години активно работи во сферата на промоција на принципите на доброто управување, дигитализацијата, а особено потребата од транспарентност и отчетност на јавните институции и функционери во интерес на секој граѓанин.

Поврзани вести

Објавени условите и дејностите кои може да бараат бескаматни кредити од Развојната банка

msp-admin

ФИТР и Рош Македонија со нов хакатон за иновативни решенија во е-здравство

Влатко Зорба

Азески: Русија ги прифати првите наши електронски сертификати