СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Сајбер безбедноста во ЕУ: Дали постои европски начин?

Воведувањето на 5G системите во ЕУ стана прашање на сајбер безбедноста, а земјите-членки избираат различни начини. Зошто сајбер безбедноста е важна за ЕУ и како може да се регулира?

Ова беа главните прашања на вебинарот кој го организираше The Brussels Times, со учество на експерти од меѓународни организации од јавниот и од приватниот сектор.

Петтата генерација на мобилни и безжични телекомуникациски системи (5G) нуди ултрабрза конекција, која ги поддржува не само индивидуалните корисници, туку и голем број поврзани уреди и означува револуционерен напредок на поранешните стандарди од претходните системи.

Важноста на сајбер безбедноста во врска со 5G, го поттикна Европскиот суд за ревизори (ECA) да покрене ревизија, за да процени дали ЕУ и нејзините земји-членки навремено и усогласено применуваат безбедни 5G мрежи. ECA ќе ја испита поддршката на Европската комисија за земјите-членки и нивното разгледување на безбедносните проблеми.

И покрај постоењето на таканаречениот алатник на Комисијата за сајбер безбедноста на 5G, се чини дека земјите-членки одат во различни правци. На вебинарот, ова беше илустрирано со моменталната состојба во Шведска и Германија.

Во Шведска, владиниот регулатор, поштенските и телекомуникациски власти, минатата година ги исклучија кинеските телекомуникациски компании ZTE и Huawei – вториот е еден од главните снабдувачи што има патенти во 5G индустријата – од учеството на аукција до воведувањето на 5G во земјата.

Шведскиот конкурент на Huawei, Ericsson протестираше без резултат. Според шведскиот дневен весник „Dagens Nyheter“, Извршниот директор на компанијата испратил пораки до шведскиот министер за трговија и ја довел во прашање одлуката за забрана на кинеските компании. Тој дури и навестил дека Ericsson можеби ќе мора да ја напушти Шведска. Мултинационалната шведска компанија, активна и во Кина, каде има 10 проценти од 5G пазарот, стравува дека ограничувањата на слободната конкуренција ќe се вратат против неа.

Засега, спроведувањето е стопирано и предметот се тестира на шведски суд, но Бјорн Хултин, Генерален директор на „Intercity Consulting“, смета дека е тешко да се поништи одлуката. Тој објасни дека јавната администрација во Шведска работи независно од владата и на министрите им е забрането да се мешаат во нивните одлуки.

Во Германија, политичката структура се разликува и владата ќе го има последниот збор во било која одлука, откако ќе го земе во предвид мислењето на регулаторот. Ова е главната разлика помеѓу двете земји и еден од примарните фактори, според Матијас Бауер, виш економист во Европскиот центар за меѓународна политичка економија (ECIPE), кој наведе дека двете земји се разминуваат во пристапот.

Бауер додаде дека „земајќи ги во предвид импресивните социоекономски резултати на земјата како мала отворена економија“, бил „изненаден“ кога дознал за одлуката на Шведските телекомуникациски органи.

Софи Батас, Директорка за сајбер безбедност на Huawei во Брисел, увери дека ЕУ нема од што да се плаши и дека може да му се верува на Huawei. „Нашата евиденција е чиста. Нема докази дека сајбер безбедноста е загрозена во нашите системи. Имаме центри за истражување и развој низ цела Европа, кои сите да можат да ги посетат. Посветеноста на Huawei кон сајбер безбедноста е јасна и никогаш не би ризикувале тоа да го оштетиме“.

Дали е оправдана загриженоста поради неовластениот или пристапот од задна врата до податоците во идниот 5G систем? „Мојата најголема грижа не е потеклото или локацијата на компанијата“, одговори Ива Ташева, со-основач и раководител на управувањето со сајбер безбедноста во CyEn. „Заканите за ИТ-системите се развиваат и хакирањето може да се случи отсекаде“.

Таа додаде дека 100 процентната сигурност е тешко можна, но дека поставувањето и проценката на стандардите во соработка помеѓу регулаторите и индустријата може да ги ублажат ризиците. „Ако баравме 100% безбедност кога ќе се развиваше интернетот, можеби никогаш немаше да биде имплементиран“. Според Ташева, ЕУ била премногу пасивна. „Останува на ЕУ да ги даде одговорите и да ги постави стандардите“.

Поврзани вести

Што поевтини, а што поскапе во септември?

msp-admin

Sony веќе продаде повеќе од 4,5 милиони конзоли PlayStation 5

Влатко Зорба

Повеќе од ПОЛОВИНА МИЛИОН луѓе без работа во Австрија

Влатко Зорба