Во компаниите активни во ТИРЗ во мај е регистриран зголемен број на работни места од над 4,15% во однос на истиот месец од 2020 година. Се очекува ваквиот тренд да продолжи во наредните месеци поради тоа што во дел од компаниите веќе се спроведуваат процедури за отворање на нови работни места. Ова, имајќи предвид дека, според анализите на Дирекцијата за ТИРЗ, само постојните инвеститори имаат обврска да отворат дополнителни 7.000 нови работни места.
Во однос на извозот, компаниите активни во зоните учествуваат со над 46% во вкупниот извоз на државата. Извозните активности во месец мај достигнаа 251 милиони евра, со што извозот во првите пет месеци од годинава изнесува 1 милијарда и 307 милиони евра. Оваа бројка е за 84% повеќе во однос на истиот период лани, односно 22% во однос на 2019 година. Во првите пет месеци од 2021г вкупниот увоз во зоните изнесува над 1 милијарда и 310 милиони евра и е за 110% зголемен во однос на истиот период лани односно 35 % во однос на 2019г.
Само во месец мај увозот во зоните достигна 255 милиони евра. Поради засилените увозни активности, кои се должат на надополнување на залихите на репроматеријали, како и интензивирање на инвестициите во нови технологии, покриеноста на увозот со извозот во првите 5 месеци од 2021 е речиси изедначена.
Во мај 2021 нето извозот е во незначителна позитива од 0,10% односно околу 27 процентни поени подобро од нето извозот на ниво на вкупната економија во државата за периодот јануари – април 2021. Само во првите пет месеци од годинава се потпишани договори со пет компании чии вкупни инвестиции треба да достигнат над 65 милиони евра, а со новиот концепт на привлекување инвестиции само во последниве 5 месеци ТИРЗ успеа да поттикне интерес кај над 30 компании за обем на инвестиции над 425 милиони евра и на нови 8.500 работни места. Дирекцијата за ТИРЗ неодамна направи и анализа на ефикасноста на една од мерките за привлекување на странски инвестиции – доделување на државно земјиште по субвенционирана цена.
Согласно анализата, воведен е нов пристап со кој инвеститорите ќе се поттикнуваат, без дополнителен надомест од државата, да инвестираат во регионите надвор од Градот Скопје. Со оваа нова мерка/пристап, се очекува позитивните ефекти од странските инвестиции да бидат подеднакво достапни за сите граѓани на С.Македонија.