СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Поповска: Дојдено е времето кога дел од поддржувачите на „загадувачки“ бизниси ќе се преориентираат кон зелените еколошки бизниси

„Зелениот бран’’ кој ја преплави Европа, и очекуваните вртоглави суми пари за реализација на активностите од оваа област се само еден од аспектите од интервјуто на „Стандард“ со поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска.

„Усвоена е Зелена агенда за Западен Балкан, која треба да се реализира преку Економски и инвестициски план тежок 9 милијарди евра за сите земји од Западен Балкан“, вели Поповска.

Од проектите за кои се издвојуваат најмногу средства  ги посочува енергетските, посебно оние за премин од фосилни кон обновливи горива и затворање на гигантски енергетски објекти како термоцентралите.

Таков „тешкаш“ е и РЕК Битола, кој произведува над 70% од струјата во Македонија, но истовремено ја снабдува и со тони прашина, јаглероден диоксид, сулфурен диоксид и други гасови и тешки метали“, вели  Поповска.

Според неа, вкупната реализација на ветувањата од Париз за Македонија би чинеле некаде околу 4 милијарди евра., а тука би се опфатила и енергетската транзиција и целосна екологизација на индустријата и домаќинствата.

„Во тоа светло погледнато, искористените средства од ЕУ и не се многу високи. Но ако зборуваме за тоа колку средства можела да добие Македонија од ЕУ-фондови, доколку работела организирано и посветено, тогаш би требало да ни е многу, многу жал за пропуштеното…„вели Поповска.

За новата,ребрендирана ДУИ очекува дека најатрактивни ќе бидат енергетиката и управувањето со отпад .

Една од ретките сте која отворено посочивте дека ребрендирањето на ДУИ во зелена партија е во контекст на најавените зелени фондови. Дaли постојат барем приближни, груби проценки за сумите кои според Вас поттикнаа голем апетит кај оваа политичка партија?

-Нивното ребрендирање беше големо изненадување, па следеа претпоставки за мотивите. Зашто голема е дискрепанцата од етничката до зелената агенда. Имајќи предвид дека со години партијата држи моќни позиции кои се клучни за т.н. „еколошки“ бизниси, може да се претпостави дека сака да ги задржи постојните позиции, а и да ги прошири со нови. Зелениот бран ја преплавува Европа, а зелената агенда влезе во официјалните европски документи, буџети и фондови. Усвоена е Зелена агенда за Западен Балкан, која треба да се реализира преку Економски и инвестициски план тежок 9 милијарди евра за сите земји од Западен Балкан.

Кои области од екологијата очекувате да бидат во нивниот фокус?

-Веројатно најатрактивни се енергетика и управување со отпад. Но, да бидеме коректни, мислам дека ДУИ сакаат и да се оттргнат од стариот имиџ и да го земат модерниот зелен имиџ, што секако треба да го поздравиме. Право е на секоја партија да декларира своја идеологија, како што е и право на граѓаните да оценат дали ќе ги прифатат и гласаат како зелена партија.

Колку грантови опфаќа зелената агенда и за што треба да бидат наменети?

-Зелената агенда за Западен Балкан има повеќе финансиски инструменти и можност за огромен број грантови, партнерства и кредити: Програма за европско партнерство во животната средина, Европска поддршка за климатска акција ИПА2, Предпристапен нструмент ИПА3, Предпристапен инструмент за рурален развој ИПАРД, Европска инвестициска банка, Фонд за зелен развој и др. Целите на Зелената агенда се: декарбонизација, циркуларна економија, намалување на загадувањето, одржливо земјоделие и биодиверзитет.

Пред само неколку денови, ЕУ усвои фонд за зелена транзиција од 17,5 милијарди евра. Ќе проба ли Македонија дел од колачот?

-Не, колку што знам, тоа е Фонд за фер транзиција за земјите членки на ЕУ, за периодот 2021-2027 година, наменет за ублажување на последиците од транзицијата од фосилни кон обновливи горива. Има држави каде цела индустрија и живеење се потпира на фосилни горива, како на пример, Полска, со 80%-на зависност од јаглен како енергенс. За такви случаи Европската унија планира солидарна помош.

Кои еколошки проекти најмногу „тежат“, односно за кои активности најмногу се доделуваат средства?

-Најмногу „тежат“ енергетските проекти, посебно оние за премин од фосилни кон обновливи горива и затворање на гигантски енергетски објекти како термоцентралите. Тие се главни произведувачи на енергија во земјите на Западен Балкан, но и најголеми загадувачи со најголем негативен ефект врз климата. Таков „тешкаш“ е и РЕК Битола, кој произведува над 70% од струјата во Македонија, но истовремено ја снабдува и со тони прашина, јаглероден диоксид, сулфурен диоксид и други гасови и тешки метали. Неодржливо е продолжувањето на неговата работа на ваков начин, зашто цената ја плаќаме со човечки животи.

Дали декларираната заложба за подобра животна средина очекувате да резултира со нови проекти, особено ако се има предвид досегашната реалност во одредени општини каде царуваат дивоградби, смет, каде недостига вода или се сечат цели планини?

-Нема преку ноќ да се напуштат лошите практики, зашто се веќе разработени шеми, со цели мрежи во државните и локални институции, политиката, судството и бизнисот. Но, мислам дека е дојдено времето кога дел од поддржувачите на „загадувачки“ бизниси ќе се преориентираат кон зелените еколошки бизниси. Затоа што се многу подоходовни и издашно стимулирани од зелени фондови и програми. Во секој случај, за сите економски активности што ја тангираат животната средина ќе биде потребна многу поголема будност и јака контрола од институциите и граѓанските активисти!

Какви се реално резултатите на терен наспроти  високите стандарди и принципи на зелената идеологија? Перцепција на граѓаните е дека тие се се мали или речиси непостоечки.

-Зависи како се мерат резултатите. Во однос на европските еколошки стандарди, кон кои се стремиме, Македонија многу заостанува и тука е слична со останатите земји од овој несреќен Западен Балкан, па и со некои источно-европски држави, членки на ЕУ. Споредено временски, со состојбите пред 1,5 деценија, кога немаше ни еколошки закони ни институции, направено е многу. Изработена и донесена е законска регулатива, која главно ги следи европските директиви. Формирани се институции, меѓу нив и инспекторати, па постепено е зголемуван и бројот на инспектори, кој останува сеуште недоволен, но има зголемување на нивната ефикасност. Изработени се илјадници еколошки дозволи и елаборати за различни инсталации и погони, кои ќе треба да се дополнуваат според современите технолошки достигнувања за најдобра пракса, а некои и да се ревидираат, каде што корупцијата замешала прсти. Изградени се и во тек на градба се пречистителни станици за отпадни води, но сеуште недоволно. Загадувањето на воздухот се следи и се намалува, пополека, но константно. Обезбедена е поддршка за обновлива енергија, за енергетска ефикасност, за рурален развој, за органско производство, за туризам и други дејности од зелената економија. Највреден резултат е зголемената еколошка свест кај граѓаните и развиената мрежа на граѓански активисти.  Најголеми еколошки проблеми пред кои сме сеуште занемени остануваат големиот број неуредени депонии, урбаното дивеење, загадувањето на воздухот од фосилните горива и уништувањето на шумите.

Кога зборуваме за зелената идеологија, да не заборавиме дека се работи не само за екологија, туку и за почитување на човековите права, социјална правда, ненасилство. На овие теми во Македонија се донесени сите важни закони – за недискриминација, за еднакви можности на жените и мажите, против мобинг на работно место, Истанбулската конвенција за борба против насилство врз жените, конвенцијата за правата на лицата со посебни потреби итн. Но, за да бидат македонските граѓани среќни во својата земја, им треба подобрување на квалитетот на живот и во здравствена смисла, но и во поглед на функционирање на системот, професионално и праведно, еднакво за сите.

За шест години, ЕУ на земјава и дала над 144 милиони евра за проекти за заштита на животната средина од кои 5 милиони за квалитетен воздух. Државата плус остварува приходи од еколошките даноци и надоместоци при регистрација на возила, од горивата…Отуството на ефекти логично го наметнува прашањето дали станува збор за неквалитетно спроведување на проектите, или пак за коруптивни игри?

-Веројатно и за двете. Корупцијата во екологијата е присутна и мора да се гони и казнува! Инаку, треба да се знае дека вкупната реализација на ветувањата од Париз за Македонија би чинеле некаде околу 4 милијарди евра. Тука би се опфатила и енергетската транзиција и целосна екологизација на индустријата и домаќинствата. Во тоа светло погледнато, искористените средства од ЕУ и не се многу високи. Но ако зборуваме за тоа колку средства можела да добие Македонија од ЕУ-фондови, доколку работела организирано и посветено, тогаш би требало да ни е многу, многу жал за пропуштеното… Друга тажна приказна е „испарувањето“ на стотици милиони евра годишно од разни еколошки такси и давачки, наместо  да се формира Фонд за животна средина, преку кој наменски ќе се трошат за поквалитетен живот.

К.В.С.

Поврзани вести

„Црн петок“ во Македонија – попусти или маркетинг трик?

Берта Китинска

НБ: Не подготвуваме регулатива за криптовалути, но ги следиме практиките на централните банки од ЕУ

Влатко Зорба

МТСП: Право на паричен надоместок има невработено лице што било во работен однос најмалку 9 месеци

Берта Китинска