Седечкиот начин на живот носи бројни здравствени ризици, а продолженото седење е особено стресно за срцето и може да доведе до висок крвен притисок. Сепак, новото истражување открива како негативните ефекти можат да се ублажат со паметен избор на храна. Клучот е во храната богата со флаваноли, кои треба да ги вклучите во вашата дневна исхрана.
Истражувачите откриле дека пиењето какао богато со флаваноли пред да седите два часа може да помогне во неутрализирање на штетните ефекти. За среќа, какаото не е единствениот сојузник на вашето срце. Други намирници како зелен и црн чај, лиснат зелен зеленчук, бобинки, сливи, јаткасти плодови и незасладено какао нудат исти придобивки.
Професорката по нутриционистички науки, Жанет Андраде, објасни за „ВериВелХелт“ (VeryWellHealth) каде се наоѓаат овие корисни соединенија.
„Флаванолите не се наоѓаат во многу видови месо или храна богата со скроб, со исклучок на киноата. Тие најчесто доаѓаат од темно обоено овошје и зеленчук како кељ, спанаќ, темна зелена салата, боровинки, малини и капини“, објаснува таа.
Клучот е во вистинскиот момент.
Зошто е важно да се консумираат овие намирници непосредно пред продолжено седење?
Одговорот лежи во времето на апсорпција. Катарина Рендеиро, главен автор на студијата, објаснува: „Флаванолите обично се апсорбираат во крвотокот приближно 30 до 60 минути по внесувањето, со максимална достапност близу два часа и обично се елиминираат од крвта по четири часа. Во овој период се манифестираат опишаните придобивки.“
Важно е да се знае дека не сите намирници имаат ист ефект – на пример, боровинките го достигнуваат својот врвен ефект приближно еден час по консумирањето.
Затоа, овие намирници се одличен избор за ужина во текот на работниот ден, особено кога не сте во можност да станете, да се прошетате и да ги истегнете нозете. Една шака бобинки или јаткасти плодови може да биде лесен начин да направите нешто добро за вашето срце.
