СТАНДАРД life
АНАЛИЗИ

Европа влегува во битка за својот „технолошки суверенитет“

Европската унија инвестира милијарди евра во технологии за кои смета дека ќе бидат фундаментални за зајакнување на нејзиниот технолошки суверенитет и за намалување на зависноста од САД и Кина, пишува CNBC во својата анализа.

The Fraunhofer Institute, германска државна агенција за истражување, го дефинира технолошкиот суверенитет како способност на една земја „да обезбеди технологии што ги смета за клучни за просперитет, конкурентност и одржливост и да може да ги развива или набавува од други економски полиња без еднострана структурна зависност“.

Европа во моментов е во голема мера зависна од технологијата што доаѓа од друго место, но лидерите на континентот сакаат да го променат тоа.

„Зајакнувањето на дигиталниот суверенитет на Европа е клучна компонента на нашата дигитална стратегија“, изјави за CNBC портпарол на Европската комисија. „Европа може да има водечка улога на светската сцена кога станува збор за технологијата“.

Сепак, Европа во моментов заостанува во однос на критичката технолошка инфраструктура, како што се чиповите и исклучително брзите телекомуникациски мрежи.

Компаниите како што се Cisco во Соединетите Држави и Huawei во Кина изградија основи за Интернет за повеќе од 700 милиони луѓе во Европа. Чиповите во најголем дел доаѓаат од производители како што се Nvidia, Qualcomm и Intel, кои се од САД, кинески Foxconn, јужнокорејски Samsung или тајвански TSMC.

Надвор од тоа, лидери на онлајн пазарот се американски и кинески Интернет платформи – Google, Facebook, Instagram и TikTok имаат стотици милиони корисници во Европа кои споделуваат лични податоци со овие компании во огромен обем.

„Земјите се загрижени дека технологијата им овозможува на странските сили да доминираат над нив на кој било можен начин“, рече Абишур Пракаш, специјалист за геополитика во Center for Innovating the Future, консултантска фирма со седиште во Торонто. Затоа владите гледаат на технологијата со нова перспектива.

Зголемување на напнатоста

Продолжените геополитички тензии меѓу САД и Кина не поминаа незабележано од европските лидери.

Во последните неколку години, САД се бореа против Huawei, една од најголемите кинески технолошки компании, повикувајќи ги другите земји во светот да го бојкотираат. Соединетите држави ја обвинија компанијата со седиште во Шенжен за создавање „задни врати“ во својата опрема што може да ја користи кинеската комунистичка партија за шпионажа. Huawei повеќепати ги негираше обвинувањата.

Под водство на Доналд Трамп, Вашингтон стави на црната листа десетици други кинески технолошки компании, вклучувајќи го и производителот на беспилотни летала DJI. Во меѓувреме, Пекинг со години ги блокира платформите на САД како Google, Facebook и Twitter.

„Со оглед на растечките тензии меѓу САД и Кина, Европа нема да биде само случаен минувач, ниту бојно поле“, рече во јули комесарот за внатрешен пазар на ЕУ, Тиери Бретон. „Време е да ја земеме нашата судбина во свои раце. Тоа исто така значи идентификување и инвестирање во дигитални технологии кои ќе го нагласат нашиот суверенитет и нашата индустриска иднина“.

Технолошкиот аналитичар Бенедикт Еванс, поранешен партнер за ризичен капитал Andreessen Horrowitz, рече дека технолошкиот суверенитет над Кина и Западот е интересен и важен. „Вашиот синџир на снабдување е во непријателска земја и двете страни се загрижени за тоа“, рече тој. „Разликите меѓу САД, Велика Британија и Европската унија не ми се чинат ништо повеќе од популистички бран“.

Големи инвестиции

По говорот на Бретон, Европа објави планови за инвестирање милијарди во технологии кои се движат од чипови до нова телекомуникациска инфраструктура, со идеја овие технологии да помогнат да се развиваат и во други области, како што е вештачката интелигенција.

„Дигиталниот суверенитет на Европа лежи на три столба: компјутерска моќ, контрола на Европејците врз нивните податоци и безбедно поврзување“, рече портпаролот на Европската комисија. „За таа цел, можноста на Европа да дизајнира и произведува најмоќни процесори во светот мора да се зајакне, мора да се создадат иновативни европски облаци за да се обезбеди безбедност на податоците, а владите, деловните субјекти и граѓаните мора да имаат пристап до брза и безбедна широкопојасна мрежа“ .

Чиповите се користат во автомобили, телефони, компјутери со високи перформанси, одбранбени системи и вештачка интелигенција, но Европа претставува помалку од 10 проценти од глобалното производство, и покрај растот од 6 проценти пет години порано. Европската комисија сака да го зголеми овој удел на 20% и планира да инвестира 20-30 милијарди евра за да го стори тоа.

Кога станува збор за поврзаноста, ЕК сака 100% од европската популација да има пристап до брзина на преземање од 1 гигабит во секунда. Просечните брзини во моментов се под 100 мегабити во секунда. Континентот почнува да се подготвува за 6G и сака да користи сателити за ширење Интернет на континентот.

Бретон и потпретседателката на ЕК, Маргрет Вестагер ги вклучија овие цели во новиот план „2030 Digital Compass”, кој има за цел дигиталните амбиции на ЕУ да ги претвори во „конкретни планови“ до 2030 година.

Тие, исто така, рекоа дека сакаат Европа да го изгради својот прв квантен компјутер во следните пет години.

„Како континент, Европа треба да се осигура дека нејзините граѓани и компании ќе имаат можност да избираат од исклучителни технологии што ќе им го направат животот подобар, побезбеден и уште позелен, под услов да имаат и вештини за нивно користење“, коментира Бретон во неговата изјава.

„На овој начин, ќе ја обликуваме одржлива и дигитално суверена Европа заедно во светот по пандемијата“, додаде тој. „Ова е дигитална декада на Европа“.

Поделбата на светот

Европската комисија инсистира на тоа дека технолошкиот суверенитет не значи да се „изолира“ Европа, туку за тоа регионот да ги брани своите стратешки интереси и да биде цврст во своите вредности.

„Станува збор за заштита на нашите компании од предаторски, а понекогаш и политички мотивирани странски аквизиции“, рече Бретон. „И станува збор за развој на вистински технолошки проекти кои можат да доведат до европски алтернативи на клучните стратешки технологии.

Во текот на последната деценија, Европа изгуби некои од најголемите и најважните технолошки компании од американски и кинески гиганти. Лабораторијата за вештачка интелигенција DeepMind со седиште во Лондон беше продадена на Google во 2014 година за околу 600 милиони долари, а дизајнерот на чипови Arm беше купен од јапонската SoftBank во 2016 година. SoftBank во моментов се обидува да му го продаде Arm на американскиот гигант за чипови Nvidia за 40 милијарди долари, велат изворите . Критичарите велат дека договорот значително ќе ја намали конкуренцијата на пазарот.

На друго место во Европа, Apple купи дел од „Dialog Semiconductor“, германска компанија за чипови, според договор вреден околу 600 милиони долари. PayPal го купи шведскиот стартап за плаќања iZettle за 2,2 милијарди долари.

Но, Пракаш од Center for Innovating the Future вели дека светот ќе стане поподелен кога земјите бараат технолошки суверенитет.

„Како што повеќе влади користат технологија за да ја вратат контролата, тие на крајот ќе ги „ограничат“ нивните односи со остатокот од светот“, рече тој, додавајќи дека „земјите ќе преземат акција едни против други на начин што ќе го направи светот „повеќе фрагментиран“.

Поврзани вести

Г20: Историски договор за преструктуирање на долгот во коронакриза

msp-admin

Како да се третираат финансиските симптоми на „КОВИД-19“ во САД?

msp-admin

Скоро 2 трилиони евра и многу прашалници

Влатко Зорба