СТАНДАРД life
АНАЛИЗИ

Г20: Историски договор за преструктуирање на долгот во коронакриза

Земјите-членки на Г-20 се согласија за првата заедничка рамка за преструктуирање на суверениот долг, очекувајќи дека некои посиромашни земји ќе имаат проблеми со отплата на долговите поради коронa-кризаta и ќе им треба помош.

Бидејќи пандемијатa врши притисок врз јавните финансии на некои земји во развој, министрите за финансии на Г-20 во петокот се согласија дека е потребна поголема помош од сегашното привремено замрзнување на отплата на долгот, кое ќе биде продолжено до 30 јуни 2021 година, пренесува Хина.

Големите заемодаватели, вклучително и Кина, се очекува да ги следат заедничките упатства договорени од Г20, кои дефинираат како долгот што се смета за неодржлив може да се намали или да се одложи неговата отплата.

Невладините организации оценија дека договорот можеше да биде поширок и да вклучува земји со просечен приход по глава на жител и дека приватните инвеститори може да бидат принудени да прифаќаат отпис на долгови.

Корона-кризата ги влоши економските проблеми на најсиромашните земји, од кои 50 проценти сега се наоѓаат или се загрозени од должнички тешкотии. Замбија, на пример, е на прагот да биде прва во Африка што прогласила банкрот поради пандемија.

Борба против пандемијата

Извршната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева, минатата недела рече дека само на африканските земји им недостасуваат 345 милијарди долари до крајот на 2023 година за да се борат против пандемијата и нејзините економски последици.

„Јас сметам на конструктивниот дух на сите вас за да се обезбеди брза и кооперативна имплементација на заедничката рамка, бидејќи неколку земји веќе бараат преструктуирање на долгот, пред се во Африка“, рече францускиот министер за финансии, Бруно Ле Мар пред колегите од Г20.

Кина сепак не сака да ја признае потребата за отпис или намалување на долговите.

Според новата рамка, земјите-заемодавачи ќе преговараат заедно со земјата-должник, која ќе бара еднакви услови од приватните заемодаватели.

Шемата во голема мера се потпира на правилата утврдени од Парискиот клуб, неформална група на претежно богати земји основана во 1956 година, што досега беше единствениот заеднички форум за преговори за преструктуирање на долгови.

Министрите за финансии на Г-20 во заедничкото соопштение рекоа дека новата рамка има за цел „да го олесни навременото и уредно преструктуирање на долгот“ за земјите кои имаат право да замрзнуваат отплата на долгот воведена во април, но во која се вклучени само приватни заемодаватели на доброволна основа

„Отсега натаму, сите засегнати страни мора да спроведат заедничка рамка. Транспарентноста на долгот е исклучително важна“, рече јапонскиот министер за финансии Таро Асо по состанокот, опишувајќи го договорот како „историски“.

Нова рамка

Новата рамка бара учество на сите јавни заемодаватели, откако Кина се најде на мета на критики од партнерите во Г-20 за тоа што не ги вклучи долговите побарувани од нејзините банки.

Претпазлив во врска со отписите на долгови, Пекинг ја дефинираше државната Кинеска банка за развој како приватна институција, спротивставувајќи се на повиците за целосно учество во отписите на долговите.

Иако Кина ја потпиша рамката, не е познато како ќе ги спроведе мерките, изјави за Ројтерс извор запознат со преговорите.

Тим Џонс, политички директор на меѓународната коалиција „Јубилејна должничка кампања“, која се бори против должничкото ропство, во изјавата вели дека договорот од Г20 дозволува, но не охрабрува олеснување на долгот и не предвидува воспоставување механизам што ќе го присили приватниот сектор да учествува.

„Овој договор е далеку послаб од потребниот за решавање на бранот должнички кризи во сиромашните земји“, рече тој.

Ерик Ле Компте, советник за долгови при ОН и извршен директор на „Јубилејната мрежа“ на САД, рече дека учеството на приватни заемодаватели е значаен чекор, но исто така го критикуваше Г20 затоа што не ги вклучи земјите со среден приход.

„За жал, земјите со среден приход што ќе се соочат со некои од најголемите зголемувања на сиромаштијата поради кризата се исклучени од овој процес“, рече тој.

Парискиот клуб, организиран од француското Министерство за финансии и земјите од Г-20 минатиот месец се согласија да го продолжат замрзнувањето на долговите оваа година со одложување на отплатата на пет милијарди долари долг за да им се помогне на најсиромашните земји во светот.

Лидерите на Г20 треба да усвојат заедничка рамка за реструктуирање на суверениот долг на виртуелен самит следната недела.

Поврзани вести

Најголемата дебата на Вол Стрит во моментов: Купување биткоин наместо злато

Берта Китинска

На повидок ли е нов биткоин балон?

msp-admin

Бајден се подготвува за нов стимул на економијата откако Демократите го освоија Сенатот

Влатко Зорба