Глобалната нафтена индустрија е високо профитабилен сектор којшто е под големо влијание од геополитичката динамика. Со крајот на преодната ера по Студената војна, започна да се појавува ново статус кво.
Со години наназад, САД се единствениот играч со потенцијал да направи значително влијание врз пазарите на енергија низ целиот свет, пишува Вананд Меликсетијан за „Oilprice“.
Глобалните синдикати, во кои САД играат водечка улога, се покажаа како моќни алатки за контрола на развојот во региони како што е Блискиот исток. Но, глобалниот дострел на Вашингтон го губи теренот и Русија и Кина го искористуваат тоа.
Москва стана голема сила во повеќе региони, како резултат на комбинацијата на ефективна дипломатија и енергетска политика. Покрај тоа, неуспесите во надворешната политика на Вашингтон (грешки како неодамнешното неочекувано повлекување на американските трупи од северна Сирија) создадоа вакуум на моќ, од кој имаат корист и другите учесници.
Веројатно Русија веќе стана најважниот арбитер на Блискиот исток. Сепак, плановите на Москва не се регионални, туку глобални. Првиот самит Русија и Африка е сведоштво за големите амбиции на Кремњ.
Москва исто така работи на постигнување на силен ангажман со неколку земји од Латинска Америка. Уште од доктрината на Монро од 1823 година, САД ги сметаат Централна и Јужна Америка како нејзин „двор“. Сепак, земји како Венецуела се спротивставија на моќта и влијанието на Вашингтон. Затоа, кога слухот за продажба на најголемата енергетска компанија на Јужна Америка на руската „Роснефт“ достигна до јавноста, во Вашингтон се појави паника.
Државната нафтена компанија PDVSA во Венецуела е вредна 186 милијарди американски долари и е економски мотор на земјата. Областа Ориноко, каде се произведува најголем дел од нафтата таму, содржи приближно 300 милијарди обновливи барели нафта и е најголем ресурс во светот.
И покрај огромните енергетски резерви, Венецуела е заглавена во виорот на економски и политички колапс. Политичките превирања во земјата траат со години. Парламентот во кој доминира опозицијата беше укинат од претседателот Николас Мадуро и неговиот режим.
И покрај меѓународните санкции и лошото управување од страна на PDVSA, Каракас едвај успева да ја издржи бурата. Во моментов, долгот на земјата е 738% поголем од неговата извозна вредност. Иднината на Венецуела е во рацете на мал број држави, кои држат најголем дел од нејзиниот долг од 156 милијарди американски долари. Токму Русија и Кина го држат лавовскиот удел.
Голем дел од производството на нафта на PDVSA е поврзано со исплати на долг. Во комбинација со тековната економска и социјална криза, ова води до голем проблем со протокот на пари, што доведува до маѓепсан економски циклус. Покрај тоа, експлоатацијата на ресурсите во Ориноко бара големи инвестиции за одржување на производството заради нивната оддалечена локација. Големото истекување на мозоци и лошо управување со PDVSA го намалија производството на нафта во земјата за 1,1 милиони барели на ден од 2014 година.
(Делумната) продажба на PDVSA ќе создаде очигледни придобивки за обете страни. Огромниот товар на долговите на Венецуела го попречува економското закрепнување. Олеснувањето на долговите може да ги намали финансиските притисоци со надеж за закрепнување на економијата. Барем на тоа се надеваат политичарите. Покрај тоа, Каракас може да се потпре на руската поддршка во регион, во кој доминираат САД, каде воената пресметка претставува трајна закана. Москва, од своја страна, може да ја зајакне својата позиција на глобалниот пазар на нафта и да ги додаде најголемите резерви на нафта во светот на нејзиниот растечки список на средства.
И покрај гласините, сепак, останува нејасно дали богатството на Венецуела ќе се продава. Прво, долгот на Каракас кон Пекинг, проценет на околу 60 милијарди долари, е далеку поголем од оној на Москва. Би било разумно за Мадуро и компанија да таргетираат продажба со Кинезите за да добијат олеснување на долговите, особено ако се има предвид дека Кина има далеку поголеми финансиски ресурси од Русија.
Второ, политичките ризици се далеку поголеми отколку што Русија може да ги проголта доколку активно интервенира во политичката сеизмичност на земјата. Кризата во Венецуела е далеку од завршена и исклучително е тешко да се предвиди нејзиниот исход.
На крајот, Венецуела не е Сирија. Москва ќе биде внимателна да не ги испровоцира САД, особено по изборите следната година.
Сепак, руските компании ќе продолжат да инвестираат, а Кремљ ќе го одржи своето присуство во јужноамериканската земја. Политичките ризици создаваат неизвесност и го бркаат бизнисот. Сепак, компаниите поддржани од Русија имаат политички и финансиски цели. Инвестициите склони кон ризик потенцијално имаат многу поголеми финансиски приноси и политички поврат доколку бидат успешни. Венецуела може да биде добра политичка и финансиска инвестиција од гледна точка на Москва.