СТАНДАРД life
БИЗЛАЈФ

Кои услови треба да ги исполните за годинава да летувате во Грција?

Грција планира да ги отвори своите граници од 14 мај и да ја започне туристичката сезона, рече министерот за туризам на оваа земја, Харис Теохарис, говорејќи на Берлинскиот меѓународен саем за туризам ИТБ 2021, што се одржува преку Интернет оваа година.

Со претставувањето на овогодинешниот промотивен слоган „Сè што сакате е Грција“, министерот ја покани меѓународната јавност да ја посети Грција оваа година.

„Сега и засекогаш, да имате насмевка на лицето повторно, со желба да се вратите во нормалниот живот, сè што сакате е Грција“, рече Теохарис.

Министерот за туризам на Грција објасни дека сите овие планови ќе се реализираат во однос на епидемиолошките мерки во сузбивање на коронавирусот, пренесува Танеа.гр.

Тој посочи дека Грција е подготвена да ги пречека туристите и дека е направен целосен протокол за летото 2021 година.

Услови за туристите

Како што објасни во тој контекст, туристите ќе бидат добредојдени при следниве три услови:

* Да примиле две дози вакцина (сертификат за вакцинација)

* Да имаат антитела (ако ја имаат прележано короната)

* Да поседуваат негативен PCR тест

Тој исто така посочи дека покрај овие три мерки, сите туристи можат да бидат подложени на случајно тестирање, како што беше правено минатата година.

Разликата во споредба со минатата година ќе биде употребата на брзи тестови, така што тие повеќе нема да чекаат 24 часа за резултатите и можен карантин, но оние кои ќе треба да бидат изолирани веднаш ќе бидат испратени во соодветните институции. Тој исто така нагласи дека сите трошоци за овие случајни тестови и сместување во изолација ќе ги сноси Грција, а не странските туристи.

Говорејќи за здравствените мерки, Теохарис рече дека сите регулативи што важат за грчките граѓани важат и за странските гости, додавајќи дека се зајакнати епидемиолошките мерки во популарните туристички дестинации и дека приоритет е вработените во угостителството да бидат вакцинирани до почетокот на сезоната, веднаш по најранливите категории на население.

Грчкиот министер истакна дека Грција е подготвена да ги гарантира здравјето и безбедноста на секој турист.

Сепак, тој не дефинираше кои вакцини се сметаат за одобрени, но се претпоставува дека сите вакцини ќе бидат прифатливи.

Ситуацијата со вирусот беше драматична во Грција во вторникот. Имено, во последните 24 часа биле заразени 3.215 лица, починале 46 пациенти, додека дури 484 пациенти биле на апарати за дишење.

Поврзани вести

Ги запознаваме ретките болести: АЛСП

Влатко Зорба

Инсектите се поблиску до чиниите на Европејците

Влатко Зорба

ЖИВОТОТ ВО ОВИЕ ЗЕМЈИ Е ТОЛКУ ЕВТИН, што некаде не е потребно ни да работите

Влатко Зорба