Вакцинација, PCR тест или доказ дека некој го прележал Ковид-19 ќе бидат клучните елементи на ЕУ дигиталниот зелен сертификат, познат како Ковид пасош, што ќе го презентира денес Европската комисија.
„Ако некој нема еден од овие елементи, треба да го преиспита патувањето“, изјавија извори од ЕУ за EURACTIV.com.
Комисијата ќе претстави предлог за законски обврзувачка регулатива за „ковид пасош“, кој потоа треба да го одобрат членките на ЕУ.
Извори од ЕУ наведуваат дека ова не е „потврда за вакцинација“, туку сертификат што опфаќа некои од трите елементи со QR-код.
„Обврската за вакцинирање не е воведена, туку обврската да се потврди здравствениот статус на Европејците кои сакаат да патуваат … тоа е клучно за мобилноста“, велат изворите.
Сите членки на ЕУ ќе мора да ги издаваат овие сертификати, велат изворите, додавајќи дека ќе се создаде „дигитална капија“, управувана од Комисијата и поврзана со националните системи, така што граѓаните на ЕУ ќе можат да ги поставуваат своите релевантни информации.
Истиот извор рече дека три големи политички групи во Европскиот парламент (ЕПП; S&D и „Да ја обновиме Европа“) се согласија дека предлогот ќе биде одобрен според забрзаната постапка. Постои и консензус во Советот на ЕУ да се оди напред.
Кога грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис прв зборуваше за патнички уверенија, некои членки на ЕУ беа против тоа затоа што сметаа дека е рано или дека ќе има дискриминација на невакцинираните.
Сепак, ситуацијата се промени во последните неколку недели и се повеќе членови ја поддржуваат идејата за потврди.
Сè уште има такви кои се противат, главно од Бенелукс и до одреден степен Франција.
На прашањето што ќе се случи ако некоја членка на ЕУ одлучи да ги потврди придобивките за други работи, а не само за патувања, на пр. за да одите на концерт или во ресторан, изворите велат дека ќе следат такви дискусии.
„Никој не исклучува дека во некои земји сертификатите ќе се користат и за други цели. Тогаш ќе останат националните судови да утврдат дали станува збор за дискриминација“, објаснуваат изворите.
Тие исто така рекоа дека земјите од Бенелукс ќе извршат притисок во претстојните преговори за поставување строги ограничувања на употребата на патнички сертификати, објави ЕУРАКТИВ.
Друго клучно прашање е дали вакцините што не се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА) ќе бидат признати во сертификатот на ЕУ.
Ова е важно прашање, особено за земјите чии економии зависат од туризам и кои сакаат да отворат нова летна сезона што е можно поскоро.
ЕМА досега одобри вакцини од Фајзер, АстраЗенека, Модерна и Џонсон и Џонсон.
Сепак, Унгарија ја одобри и руската вакцина Спутник, а Чешка, Словачка и Кипар преговараат со Москва за купување на руската вакцина.
Покрај тоа, повеќето луѓе на Западен Балкан се вакцинирани со руски или кинески вакцини.
„Нашиот предлог официјално предлага да се признаат вакцините одобрени од ЕМА, но зависи од земјите-членки дали сакаат да препознаат вакцини кои не се одобрени од таа агенција“, велат изворите.