Принцот Чарлс покрена нова иницијатива за справување со климатската криза, овој пат со поддршка на неколку големи компании, вклучувајќи ги Bank of America и BP, пренесува Си-Ен-Ен.
Принцот од Велс ја претстави „Terra Carta“ или „Земјината повелба“ и ги повика другите компании да преземат практични активности за да ја насочат планетата кон поодржлив развој.
Повелбата, објавена во понеделникот пред самитот „One Planet“ во Париз, има за цел да се фокусираат 10 милијарди долари (7 милијарди фунти) на зелени каузи до 2022 година.
„Terra Carta“ има за цел и да ги заштити природните ресурси на светот и да го забрза преминот кон позелена иднина. Содржи скоро 100 активности што деловните субјекти можат да ги преземат, вклучително и обврска да се постигнат нето-емисии на нула до 2050 година или поскоро, и заштита на природните екосистеми.
Декларацијата за намера на „Terra Carta“ вклучува доброволни обврски за поддршка на меѓународните договори за клима, биодиверзитет и опустинување, поддршка на напорите за заштита на половина од планетата до 2050 година и приближување на инвестициите и финансиските текови во согласност со иднината на ниски стакленички гасови.
BlackRock, AstraZeneca, EY, Unilever, аеродромот Хитроу, HSBC и Fidelity International, исто така, ја поддржуваат иницијативата.
„Итно ги повикувам лидерите од сите сектори и од целиот свет да ја поддржат оваа „Terra Carta“, за да воспостават просперитет во хармонија со природата, луѓето и планетата во текот на следната деценија“, рече Чарлс на конференцијата во понеделникот.
„Јас можам само да ги охрабрам, особено оние во индустријата и финансиите да обезбедат практично водство за овој заеднички проект, бидејќи само тие се во можност да ги мобилизираат иновациите и ресурсите потребни за трансформација на глобалната економија“.
На минатогодишниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, принцот Чарлс предупреди дека планетата се соочува со катастрофа без револуција во начинот на работа на глобалната економија и финансиските пазари.
„Колку е корисно целото дополнително богатство на светот, ако не можете да направите ништо со тоа, освен да гледате како гори во катастрофални услови?“, рече тој во ексклузивното интервју за Си-Ен-Ен на годишниот собир на светската елита.
На настанот, тој ја најави Иницијативата за одржливи пазари (SMI), ко-претседавана со извршниот директор на Bank of America, Брајан Мојнихан, за да ги стави луѓето и планетата „во срцето на создавање глобална вредност“.
„Terra Carta“ служи како „водечки мандат“ на SMI, според соопштението издадено од Иницијативата во понеделникот.
„Ако погледнеме во наследството на нашата генерација, пред повеќе од 800 години, Magna Carta внесе верба во основните права и слободи на луѓето. Додека се стремиме да ги замислиме следните 800 години човечки напредок, основните права и вредноста на природата мора да бидат чекор кон промена на нашиот пристап кон „иднината на индустријата“ и „иднината на економијата“, рече тој.
„Имајќи го ова во предвид, природата, чиј составен дел сме и ние, е во срцето на „Terra Carta“. Ги повикувам извршните директори од целиот свет да се вклучат и да ја одиграат својата улога во водењето на глобалната транзиција“.
Францускиот претседател Емануел Макрон, генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш и кинескиот вицепремиер Хан Џен се приклучуваат на самитот „One Planet“.