СТАНДАРД life
БИЗЛАЈФ

Што е ПЛАТА ЗА ЖИВОТ и зошто гигант за широка потрошувачка се одлучи да ја применува?

Гигантот за широка потрошувачка Unilever се обврза дека секој работник кој ја снабдува компанијата со стоки и услуги ќе добие плата за живот (living wage) до 2030 година.

Иницијативата ќе се однесува на 65.000 директни добавувачи и неколку илјади земјоделски компании, рече шефот за набавки, Дејвид Инграм.

Плата за живот подразбира плата заработена во стандардна работна недела (не повеќе од 48 работни часа неделно) што треба да биде доволна за покривање на трошоците за храна, домување, здравствена заштита, облека, превоз и образование.

Покрај основните трошоци, платата за живот вклучува околу 10 проценти дополнителни пари за непредвидени трошоци. На кратко, плата за живот значи приход од кој може да се живее, затоа што да се има работа треба да значи доволно заработка, за работниците да можат да се издржуваат себе си и своите семејства од платата.

Unilever е една од најголемите светски компании за производство на стоки за широка потрошувачка, а во нејзиниот синџир на снабдување се вклучени повеќе од 1,5 милиони земјоделци.

Сопственикот на познати брендови како Ben & Jerry’s и Dove исто така вети дека ќе издвои 2 милијарди евра годишно до 2025 година, наместо сегашните 300 милиони до 2025 година, за добавувачи во сопственост или управувани од луѓе од недоволно застапени групи, вклучително и жени и црнокожи.

„Двете најголеми закани со кои се соочува светот во моментов се климатските промени и социјалната нееднаквост. Изминатата година несомнено ја прошири социјалната поделба“, изјави извршниот директор на компанијата Алан Џоуп.

Покрај компанијата, неколку трговци со облека, вклучително и H&M и Asos, се обврзаа да плаќаат плата за живот во нивните ланци за снабдување со облека. И најголемите ланци на супермаркети во Германија, вклучително и Aldi и Lidl, потпишаа доброволен договор минатата година за промовирање на плата за живот во нивните ланци за снабдување.

Но, малку компании го имаат глобалниот дострел на Unilever. Гигантот за широка потрошувачка продава повеќе од 400 брендови во 190 земји, а неговите производи ги користат 2,5 милијарди луѓе.

Платите за живот честопати се значително повисоки од минималните плати, што може да бидат екстремно ниски во посиромашните земји. На Брегот на Слоновата Коска, каде Унилевер произведува зрна какао за својот сладолед Magnum, платата за живот во село за 2020 година беше 68 проценти поголема од националната минимална плата.

Поврзани вести

Lamborghini Urus возеше рекордни 298 км/ч на замрзнатото Бајкалско езеро

Влатко Зорба

Санела Џенкинс го продаде имотот за 87 милиони долари на ко-основачот на WhatsApp

Влатко Зорба

Поради климатските промени 10 намирници се пред исчезнување

Влатко Зорба