Во Буџетот за 2021 година за капиталните инвестиции се планирани околу 23 милијарди денари, што е за 20 проценти повисоко во однос на минатата година, соопштуваат властите.
Според нив, 840 милиони евра се инвестираат во изградба и рехабилитација на 400 километри патишта низ целата држава. Се градат над 59 километри автопати, над 104 километри експресни патишта и 20 километри локални патишта.
За оваа година планирани се нови 25 проекти за изградба или реконструкција на водоводна и канализациона мрежа со вкупна вредност од 12,7 милиони евра. Истовремено, во тек се 30 проекти за изградба или реконструкција на водоводна и канализациона мрежа со вкупна вредност од околу 14 милиони евра.
Се градат вкупно 574 станови за најранливите категории граѓани во 7 општини, а оваа година планирана е изградба на уште 5 нови згради со вкупно 202 домови за социјално загрозените граѓани.
Забрзано се реализира и процесот на гасификација. Гасоводот ја помина Битола и се гради кон Ресен, како и кон Тетово и Гостивар, велат оттаму.