На прашање за тоа каков е планот за подобрување на здравството и образованието освен покачувањето на платите, министерката вели дека за овие сектори да функционираат како што треба, клучни се добрите кадри.
„За да имате добар јавен здравствен систем, пред се треба да ги имате најдобрите лекари во јавното здравство и најдобриот медицински персонал. Ние имаме квалитетни лекари, одлични експерти во својата област, и треба да ги задржиме во земјава, во јавното здравство. За да мотивирате дел од квалитетните студенти откако ќе дипломираат да одат да работат во просвета, треба исто така да им понудите пристојни плати. За таа цел во Буџетот за 2020 година предвидовме покачување на платите од февруари кај специјалистите за 25%, кај општите лекари за 15%, кај сестрите за 10%, додека кај здравствените соработници за 5%. Од 1 јануари пак, се покачуваат платите на просветните работници за 10%. Покрај обезбедување или задржување на квалитетни кадри во овие области, потребно е да се обезбеди опрема со кои тие кадри ќе работат и програми преку кои ќе обезбедат подобри услуги“, истакнува Ангеловска во интервјуто.
Во врска со покачувањето на пензиите, министерката за финансии нагласува дека средства за покачување на платите и пензиите се обезбедени и нивното серсвисирање и следната година ќе оди навремено и непречено, како и оваа.
„Приходите се проектирани на ниво повисоко за 5,6%, врз основа на благо релаксирање на даночната политика со истовремена корекција кај одделни даночни стапки, со кое се очекува да се постигне повеќекратен ефект односно – со истото е предвидено да се обезбеди поголем даночен опфат, фер и олеснети административни процеси, како и поддршка на приватниот сектор, што би резултирало со намалување на даночната евазија. Преку механизмите за спречување на сивата економија ќе се влијае на подобра наплата на приходната страна, и пред се на еден фер систем, каде сите го плаќаат својот дел од давачките. При проектирањето на приходната страна на буџетот беа земени во предвид и ефектите од покачувањето на минималната плата, покачувањето на платите во приватниот сектор како резултат на мерката за субвенционирање на придонесите и растот на вработеноста“, нагласува таа.
Министерката Нина Ангеловска вели дека МојДДВ покажува дека дава резултати за целта за која е наменет, односно над 150.000 луѓе активно скенираат сметки и на тој начин помагаат во решавањето на еден значаен проблем – сивата економија.
„Сакаме овој опсег уште повеќе да се прошири. За таа цел од средината на декември ќе започне МојДДВ #МојаНаграда. Наградниот фонд за играта ќе биде половина милион евра и ќе се доделуваат парични награди на дневна, месечна основа, како и две главни премии. Покрај повратот, кој ќе го остваруваат граѓаните со скенирање на фискалните сметки, тие ќе може да станат и добитници на парична награда. Со ова граѓаните ќе имаат уште поголем мотив да влијаат и на адресирањето на сивата економија, односно секоја скенирана фискална сметка потенцијално е добитна – односно зборуваме за една вин-вин наградна игра, бидејќи сите добиваме – единствено кога губи сивата економија. Надградената мобилна апликација ќе содржи и едукативни елементи“, вели Ангеловска во интервјуто за МИА.