СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Бајрами: Финансискиот систем го издржа и соодветно одговори на ударот предизвикан од кризата во 2020 година

Најновите податоци, како и анализите на Комитетот за финансиска стабилност го потврдуваат заклучокот дека финансискиот систем го издржа и соодветно му одговори на ударот предизвикан од кризата во 2020 година и дека тој има капацитет за справување со натамошни предизвици, а воедно претставува и движечка сила за заздравување на економијата, што ќе следува по периодот на неизвесноста предизвикана од пандемијата, вели во интервју за МИА вицегувернерот на Народната банка, Фадил Бајрами.

„Во тој контекст, особено е важно што банкарскиот систем, којшто претставува клучен и најважен дел од финансискиот систем, ја потврди отпорноста на шокови. За ова придонесоа и регулаторните барања и реформите коишто беа спроведени во оваа област во изминатите години. Затоа сосема реално е да се очекува дека токму банкарскиот систем, задржувајќи ја солидната стапка на кредитен раст од околу 6 отсто на годишно ниво, ќе биде оној што ќе ја обезбеди клучната поддршка за економијата за нејзино враќање на патеката на економски раст, одговарајќи им соодветно, како и досега, на потребите на граѓаните и на деловните субјекти. Исто така, сосема реално е да очекуваме дека паралелно со растот на кредитната активност, и во наредниот период ќе растат и заштедите на граѓаните и компаниите во домашните банки“, истакна Бајрами.

Во однос на затворањето на „Еуростандард банка“, вели дека сите мерки што се изречени, а коишто произлегуваат од супервизорските контроли што се спроведувани во периодот од 2013 до 2020 година, биле насочени кон тоа да ѝ овозможат на Банката да работи подобро и да ја задржи својата стабилност, што во крајна линија е во интерес на сите – на нејзините клиенти, штедачи, вработени, акционери, деловни партнери и на останатите субјекти во банкарскиот и финансискиот систем на земјата.

– Но, кога се исцрпени сите други опции, како што беше и во случајот со споменатата банка, тогаш Народната банка нема друг избор, освен да донесе и вакви одлуки. Јасно е дека ова се непопуларни и најмалку посакуваните одлуки, но има ситуации кога тие се неизбежни и се наша законска обврска, затоа што со нив во суштина се спречуваат поголеми штети. Впрочем, во текот на минатата година дојде до затворање на повеќе деловни банки и во земјите од Европската Унија, но таму никој не се сети да ја побара одговорноста за тоа кај регулаторот, односно кај централната банка, истакна Вицегувернерот.

Повтори дека во конкретниот случај на „Еуростандард“, оценките на реномирани меѓународни финансиски институции, како што е Меѓународниот монетарен фонд, јасно посочиле дека Народната банка постапи професионално и соодветно.

– Истовремено, ММФ и експертите се децидни дека Народната банка не може да биде одговорна за одлуките и ризиците што ги презеле сопствениците и раководните луѓе на деловната банка, како и за евентуални други незаконски дејствија за чие откривање и санкционирање централната банка нема ниту соодветна експертиза, ниту законски надлежности, а коишто се во доменот на други институции. Впрочем, како што кажавме во повеќе наврати, Народната банка секогаш кога имаше сомнеж за нерегуларности во работењето коишто се во надлежност на други институции, ги известуваше за тоа надлежните државни органи, односно институции, додава Бајрами.

Поврзани вести

Оштетени штедачи: Како се префрлаа парите од „Еуростандард“ во приватни џебови (пример од 2,5 милиони евра)

Влатко Зорба

Протести и тужби за неисплатените придонеси најауваат работниците од „Еурокомпозит“

Национални Енергетски Ресурси продаде 1,620 обични акции за 162.000 евра

Влатко Зорба