СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

„Банкарскиот систем е стабилен”, истакнуваат од „Standard & Poor’s“

Во рамките на извештајот со којшто агенцијата „Standard & Poor’s“ го потврди кредитниот рејтинг на нашата земја на „ББ-“, со стабилен изглед, од Агенцијата се осврнуваат и на монетарната политика, стабилноста на девизниот курс на денарот, нивото на девизните резерви и на состојбите во банкарскиот систем.

Изнесувајќи ги своите согледувања за монетарната политика и мерките на Народната банка во текот на корона-кризата, од „Standard & Poor’s“ заклучуваат дека олабавената монетарна политика обезбеди поддршка на економијата. Во врска со девизниот курс на денарот во однос на еврото, во рамките на извештајот се посочени согледувањата и оцените на Агенцијата за задржувањето на неговата стабилност. Имајќи предвид дека краткорочните капитални текови не се застапени, според оцените на Агенцијата, тоа значително ги намалува ризиците за македонската економија. Воедно, во извештајот истакнуваат дека нивото на девизните резерви е соодветно и дека на крајот на 2020 година е повисоко во споредба со крајот на 2019 година, што е значајно за стабилноста на домашната валута. Исто така, според оцените на „Standard & Poor’s“, она што е значајно за стабилноста на домашната валута е и одлуката на Европската централна банка за овозможување пристап на Народната банка до девизна ликвидност во евра преку репо-линија, во износ до 400 милиони евра, доколку има потреба од тоа.

„Банкарскиот систем е стабилен” – истакнуваат од „Standard & Poor’s“, посебно нагласувајќи го ниското ниво на нефункционалните кредити. Притоа, во извештајот, од Агенцијата се осврнуваат и на укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка”, при што напоменуваат дека тоа нема влијание врз стабилноста на банкарскиот систем. „Standard & Poor’s“ во извештајот заклучува дека севкупниот пораст на депозитната база во 2020 година ја потврдува задржаната доверба. Притоа, ја нагласуваат важноста на задржувањето на довербата.

Според оцените на Агенцијата, македонската економија има капацитет и простор за соодветно надминување на периодот на неизвесноста предизвикана од пандемијата. Презентирајќи ги своите проекции и видувања за македонската економија, од „Standard & Poor’s“ посочуваат дека евроинтеграцискиот процес може значително да придонесе за јакнење на институционалниот потенцијал и за спроведувањето на структурните реформи, што може да биде основа за подобрување на кредитната оцена на земјата од страна на Агенцијата во наредниот период.

Поврзани вести

Газдата заработил 1,6 милиони долари на берза, ги поделил на своите вработени (ВИДЕО)

Сопственици на спортски обложувалници: Ако ставиме клуч на врата, државата ќе загуби над 250 милиони евра

Влатко Зорба

ССК: Се кочи развојот на поштенската индустрија во земјата

Влатко Зорба