Производството на електрична енергија од јаглен да се замени со производство на електрична енергија од обновливи извори – ова е суштината на енергетската транзиција која треба да се случи во нашата земја посочи Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на конференција „Визија за енергетска транзиција 2040“.
„Неопходно е чекор по чекор да се оди со енергетската транзиција. Ние сите целиме кон реализација на зелено сценарио, односно производство на електрична енергија од сонце, вода и ветер, но мора тоа да биде постепено. Во моментов струјата од обновливи извори чини 105 евра за 1 Mw/h , додека цената на ЕСМ кон Универзалниот снабдувач е 38,8 евра за 1 Mw/h. Притоа од обновливите извори во нашата земја не може да се произведе базната енергија која е клучна за стабилноста на електроенергетскиот систем. Обновливите извори се добри и пожелни, но не може енергетскиот систем да се води исклучиво на таквите извори“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Во однос на либерализацијата на пазарот на електрична енергија цената што ја нуди Универзалниот снабдувач останува најповолна за домаќинствата затоа што е за 25 % пониска од онаа што се нуди на слободниот пазар.
„Придобивките од либерализираниот пазар на електрична енергија доведоа до 30 % пониски сметки за малите производствени капацитети, и малите и микро претпријатија. Домаќинствата се уште имаат најповолна цена обезбедена од универзалниот снабдувач, за разлика од цената што се нуди на слободниот пазар која е 25% повисока од регулираната цена. Минатата година дури 15 % од потрошувачите го промениле својот снабдувач што укажува на зголемена конкурентност на пазарот на електрична енергија во кој има 9 активни снабдувачи во однос на телекомуникацискиот пазар каде има три оператори. Анализите покажуваат дека Северна Македонија во однос на бројот на промената на снабдувачите е на исто ниво со Австрија, Финска и Данска. Промените на снабдувачите се прават заради постојаната конкуренција помеѓу нивните понуди, врз основа на кои потрошувачите прават пресметки и одбираат свој снабдувач кој има најниска цена на електричната енергија.“ посочи Бислимоски.
Инаку конференцијата „Визија за енергетска транзиција 2040“ е во рамките на проектот „Развој на програма за имплементација на Националната стратегија за развој на енергетиката“, финансиран од Британската амбасада Скопје преку Фондот за добро управување.