СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Дали мерките за надминување на економската криза на СДСМ се оправдан потег?

Претседателот на СДСМ Зоран Заев презентираше пакет од над 15 мерки кои имаат за цел да полесно да се надмине економската криза во која влегува државата по пандемијата со коронавирусот. Мерките се изработени од економскиот тим на СДСМ и Заев очекува Владата да ги усвои што побрзо.

Станува збор за пакет во вкупна вредност од 200 милиони евра кои ќе завршат кај граѓаните и компаниите како инструмент за амортизирање на негативните ефекти од кризата со коронавирусот.

Оние кои први беа на удар први добиваат помош

Во пакетот на мерки на Заев највпечатливи се оние наменети за работниците во секторите кои први беа на удар од коронавирусот и мораа први да затворат како угостителството, трговијата, трговските центри и обложувалниците и казината.

Со мерките се предвидува фирмите и вработените од овој сектор да добијат значајна финансиска помош.

За сите приватни фирми погодени од кризата владата ќе помогне со исплата на една нето минимална плата по вработен (14.500 денари) за месеците април и мај, а фирмите сами ќе си ги платат придонесите за плати, како и персоналниот данок.

За граѓаните кои останале без работа поради кризата, државата ќе исплаќа паричен надомест – месечна плата, секој месец во висина од 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци односно согласно член 68 од законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

Платите на администрацијата и функционерите два месеци замрзнати на минимум

Платите во администрацијата се намалуваат до законскиот минимум. Сите вработени во администрацијата на државно и на локално ниво, но и сите функциониери, министри, директори, градоначалници, во април и мај ќе земат 14.500 денари плата, односно онолку колку што се законскиот минимум.

„Вработените во се она што се смета за јавен сектор, јавна администрација на државно и локално ниво ќе земат минимална нето плата од 14.500 денари за месеците април и мај.

Оваа мерка не се однесува на вработените лекари и медицинскиот и помошен персонал, полицајците и војниците и тие што работат со нив и околу нив, за помагање за справувањето со коронавирусот.

„Во вакви времиња, најповикани сме на солидарност. Подобро да издржиме два месеци, солидарно, на минимална плата, отколку да дозволиме крах на економијата и последици по сите“, изјави Заев.

Истовремено, паушалите кои ги добиват претседателите и членовите на Советите во општините, претседателите ичленовите на Управните и Надзорните одбори, нема да се исплаќаат во месеците април и мај.

„Ова не е време за екстра надоместоци“ порача Заев образложувајќи ја оваа мерка.

Граѓаните три месеци нема да плаќаат рати за кредити, исто толку време „одмор“ и за извршителите

Оние граѓани кои поради кризата со коронавирусот се наоѓаат во неповолна положба ќе имаат можност за три месеци да го одложат плаќањето на рати за кредити што значи дека априлската рата кредит ќе се плаќа во јули.

Во истиот период нема да има извршителски решенија од страна на извршителите, а исклучок ќе има само во случаи кога веќе парите се легнати на сметка на извршителите и тие ќе можат да ги префрлат парите на доверителите и во случаи кога се работи за алиментација за дете кон самохрани родители.

Сеопфатни мерки за поддршка на огромен број граѓани и компании

Предлог мерките што претседателот на СДСМ, Зоран Заев ги промовираше се насочени кон голем број на граѓани, компании но и цели стопански гранки.

Ако се споредат со мерките што државите во регионот ги преземаат или ги најавуваат, овие мерки одат многу чекори понапред во помош и поддршка на економијата од негативните ефекти од кризата кои сигурно доаѓаат.

Нивното спроведување и менаџирање, но и додавањето нови мерки или надоградувања на постоечките во голема мера ќе одредат во кој правец ќе се движи државата по кризата со коронавирусот и како ќе се справи со последиците на економски план.

Поврзани вести

Се работи на олеснување на критериумите за аплицирање и исплата на финансиска поддршка за производствените компании

Влатко Зорба

ФИТР и Рош Македонија со нов хакатон за иновативни решенија во е-здравство

Влатко Зорба

Бочварски: Изградбата на магистралниот гасовод Куманово-Штип-Прилеп-Битола е со 90 процентна реализација