Повеќе од 20 години прометот на нотарските услуги не е предмет на оданочување со ДДВ. Оправданоста на одлуката донесена од Уставниот суд во ноември 2000 година, со која тогаш се укина обврската за оданочување на прометот на нотарски услуги, е можеби време да се преиспита, сметаат дел од даночните експерти. Нотарите треба повторно да бидат вклучени во системот на ДДВ и нивната услуга да се оданочува со општа даночна стапка од 18 % велат тие за „Стандард“.
„Нотарската услуга е форма на вршење на стопанска дејност од која се остварува профит, односно за истата се наплатува надоместок, таа треба да биде предмет на оданочување со ДДВ на ист начин како и сите други слични услуги. Впрочем и во актуелното законско решение, нотарската услуга според дефинициите на членот 6 од Законот за ДДВ не е изземена од оданочување”, вели Павле Гацов, претседател на здружението на даночни советници.
Гацов потсетува дека нотарските услуги беа оданочувани со ДДВ од 5 %,од почетното воведување на овој данок во 2000 год.
„Но само 6 месеци подоцна фискалните авторитети попуштија под притисок на нотарите и прометот на нотарските услуги го исклучија од системот на ДДВ”, објаснува Гацов.
Оправданоста тогаш според него, се барала во спецификите на дејноста,нејзината самостојност, независност и карактер на јавна служба со јавни овластувања, потреба од заштита на личните податоци на странките и сл.
„Зошто се ослободени од ДДВ нотарите”, е нејасно и за даночниот експерт Славко Лазовски, „кога ниту научните, спортските, верските и некои други услуги не се ослободени од ДДВ,” вели тој.
Лазоски наведува дека од самиот почеток на подготовките за воведување на ДДВ било јасно дека ќе има разни влијанија, лобирања, притисоци, отворени барања за мал или голем привилегиран даночен третман.
”Даночната регулатива, и поранешната и сегашната, вели тој, не предвидува ослободување од ДДВ.Сличните услуги на слободните професии: адвокати, извршители, медијатори, консултанти и др. не се ослободени од ДДВ”.
Главен и основен аргумент за изземање на нотарските услуги од системот на ДДВ, според објаснувањето на Нотарската Комора, е заштита на граѓаните од неоправдано двојно оданочување.
„Сметаме дека воведувањето на плаќање ДДВ за нотарски услуги не е во интерес на граѓаните од причина што иако директен даночен обврзник на овој вид данок е нотарот, сепак тој паѓа на товар на граѓанинот како корисник на услугите. Во овој случај би дошло до двојно оданочување по ист основ, т.е плаќање на судска такса и ДДВ за една иста работа и тоа на терет на граѓанинот”– велат од Нотарска Комора.
Одговорот дали враќањето во режимот на ДДВ ќе значи поскапи нотарски услуги и зголемен товар за граѓаните според експертите не е секогаш едноставен но она што според нив е најважно е потребата од полнење на држаната каса. Лазоски посочува неколку можни алтернативи доколку нотарските услуги подлежат на оданочување со ДДВ.
„Не мора да доведе до поскапување, ако се намали судската такса или делот кој преставува надомест на нотарот”, вели Лазоски додавајќи дека „кога овие услуги преминуваат од органите на државна власт во приватни раце, наместо намалување, како што се случува во цел свет, во нашата земја останаа на исто ниво па дури и се зголемија. Но да се обвинува ДДВ е само чин на предоминатно истакнување на личните интереси, наспроти неговото обележје на јавно добро”, заклучува Лазовски.
Дека таквиот модел ќе ги поскапи нотарските услуги се согласува и Гацов но сепак според него „регистрираните ДДВ обврзници ќе можат пресметаното ДДВ да го одбијат од своите ДДВ обврски“.
Според бројките на УЈП, во 2019 год.вкупно 189 нотари поднеле годишен даночен биланс за утврдување на данок на доход од вршење на самостојна дејност во кој искажале платени аконтации на данокот од 27.701.103 ден.или 448.237 евра и данок за доплата во износ од 60.913.138 ден. или 985. 649 евра.
Вкупниот нето доход пред оданочување пак на 10 нотари кои оствариле највисок доход од вршење на самостојна дејност во 2019 год. изнесувал 110.349.380 денари или речиси 1,8 милиони евра, а вкупната даночна основа, што е нето доход пред оданочување зголемен за непризнаени расходи за даночни цели, изнесува 115.036.195 денари или 1,87 милиони евра.
К.В.С.